Времето е пари

Колку пати сте ја слушнале оваа изрека?

Како ја разбирате? Што значи таа за вас?
Дали ќе се согласите дека времето и парите се важни ресурси во нашиот живот на оваа планета?

Често пати сум слушнала: „ако имаш пари, немаш време, а ако имаш време, немаш пари.“ Што мислите за ова? Дали ова, според вас, е вистина?

Или е само уште едно условување и насочување на нашиот мозок да размислува во структура на „или-или“, црно-бело… и постојано да не’ забрзува да не „губиме“ време, бидејќи така губиме пари? Можеме ли да имаме и време и пари? И колку ни треба?

Почнете од таму што ќе забележувате КОЛКУ време и пари имате сега.
Како ги користите?

Парите се неограничен, енергетски, обновлив ресурс и можеме повторно да ги создаваме, акумулираме, иако и ова е тешко за разбирање, бидејќи со децении сме учени, воспитувани, тренирани да размислуваме во ограниченост, црно-бело, има-нема, толку.

Времето е филозофски поим, но, исто така е ресурс што не се обновува и не можеме да го оставиме во наследство, за разлика од парите. Нели? Времето е уште поскапоцен ресурс од парите.

И едното и другото можеме да ги зголемиме експоненцијално, а, како?

За парите ќе пишувам повторно во друга прилика, а овде ќе се задржам на тоа како можеме со помош на пари да го умножиме времето. За потоа да ни создаде нови пари. Нема да зборувам за финансиска писменост, односно за сите можни начини како да ги вложиме или инвестираме некаде парите да работат пасивно за нас. Овде ќе напишам збор-два за две други методи на инвестирање: менторство и делегирање.

Сакале, не сакале, и двете се поврзани со личниот развој. И, пак, сакале, не сакале, полека учиме дека личниот развој е најбрзиот автопат до повеќе време. И пари, ако сакате.

Сите знаеме како да направиме пари со помош на употреба на време, нели?

Ајде да видиме и да слушнеме како можеме да „умножиме“ време со помош на пари?

(1)  Прво, ако одиме се’ сами да правиме во животот, да учиме се’ сами, да учиме на своите грешки, да го бараме решението, да ги испробуваме начините, да се справуваме со своите начини на размислување (за кои често и не сме свесни дека не се правилни и не не’ водат во насока на животот што го посакуваме), можеме да „потрошиме“ многу време додека дојдеме до вистинските резултати, до она што сме го замислиле, што имаме намера и визија да го оствариме. До она што го заслужуваме, што ни следува. Ова се однесува на секоја област, особено на професионалната.

Ако сме доволно умни да ангажираме ментори, тренери, луѓе што го изминале патот, вложиле време (и пари) во собирање знаења, поминале искуства (работејќи ја нашата работа или која било друга работа што носи преносливо искуство), ако ги слушаме, следиме и нивното знаење и водство го споиме со нашата желба, визија и способности – тогаш мултиплицираме месеци, години, децении. Вложуваме во квантен скок, заштедуваме време за побрзо да прескокнеме во понапредна верзија од себе и од нашата професионална спремност.

Дали имате ментори во вашата компанија? Од самата компанија или тренери од надвор? Дали ги прашувате, слушате, дали барате совет? Дали барате совет од луѓе што успеале во она што сакате да го постигнете? Ако имате сопствен бизнис, дали имате ментор (тренер)?

(2)  Вториот пат, начин на „умножување“ или создавање време е – делегирањето. Почнете да размислувате што е тоа што можете да го дадете да го завршат и други (било да е тоа во вашиот приватен или во вашиот професионален дел од животот). Ако одберете вистински луѓе, ако станете вие нивни ментори или им овозможите да стекнат знаења и вештини што ги немаат во моментот), ако доволно умно ги распоредите активностите, и ако се простите од вашата верна и блиска пријателка наречена контрола!, и ако се посветите на личниот (и професионален) развој на себе и на другите од тимот (домашен или на работа) – на добар пат сте да создавате повеќе време, а и пари. Со тоа помагате и на други да се развијат и/или да заработат.

Помислете уште денес – кој може ова (што и да е тоа) да го направи подобро или побрзо од мене? Колку сакам/можам да платам за јас да се посветам на нешто што носи повеќе приход и/или напредок? Што е она што е моја специјалност, каде што јас најдобро можам да дадам придонес?

Благодарам на ова време што го поминавте со мене. Се надевам ќе ви отвори некои врати што ќе ви овозможат да добиете илјадници пати повеќе време отколку читањето на колумнава. И  пари, колку што ќе си дозволите.

 

Ирена Јакимова, Професионален обучувач за возрасни и тренер (coach), ментор за личен и професионален развој

Inspirit Coaching

 


Извор: zenskimagazin.mk

Дозвола за креативност

„Јас не сум креативна“.
„Како да иновирам, јас немам ниту производ, ниту производство?“

И јас едно време ја врзував креативноста со уметност, со изработка, а иновативноста со професор Балтазар од цртаните филмови или со научници, инжењери…

Она што можам да го заклучам од моето големо искуство и од работата со трансформацијата на поединци или компании е дека голем број луѓе не ја увидуваат својата креативност и не се пронаоѓаат во можностите за иновативност. Рамката во којашто ги ставаат овие зборови, ги ограничува во нивната примена.

Што се случува ако ја рашириме рамката?

Да почнеме со коренот на зборот КРЕАЦИЈА, КРЕИРА, КРЕАТИВНОСТ, ако тоа нешто ви значи, ако нешто ви помогне. Потекнува од латинскиот збор creatus (којшто значи да создаде, произведе, да причини нешто) и е поврзан со зборот crescere (да се роди, да израсне, да расне нешто).

Земете пенкало и хартија и запишете што се’ сте креирале, создале, израснале до сега? Имате ли толкава тетратка што може да ги прими сите ваши дела, креации, се’ што сте создале – од збор, однос, производ, оброк, облека, услуга, дете, фирма, зграда, слика, накит, растение, извештај, писмо, дом…? Дополнете…

Набројувајте, пишувајте, пишувајте, пишувајте… и потоа да се видиме и да поразговараме дали не сте креативни?

Се’ што умеете да создадете, особено ако тоа го правите и на нови, поинакви начини, и се’ што вам или некому користи, некому решава проблем или му го подобрува животот – сето тоа може да биде креација и вие слободно можете да си го ставите беџот КРЕАТИВНА. И се’ што можете да промените да се прави на поинаков начин, да има поинаква форма, процес, локација, насока, примена, да има усовршување, барем мало унапредување (или олеснување) – сето тоа може да биде иновација.

И, ако ве поканам да ја раширите оваа ваша „супер моќ“ и пошироко, заедно со природата, од којашто можеме само да црпиме инспирација и поддршка – дали сте подготвени да покажете креативност во начинот како се креирате себеси како личност? Дали смеам да ве поканам да почнете да бидете иновативни во начинот како го живеете својот живот? Дали можам да ве поканам да бидете креативни во зборовите што ги користите, наместо АМА, да пробате со АЈДЕ?

Што ве спречува, а што ви треба за да си „дадете дозвола“ за креативност? И за секоја друга особина што не си ја признавате, не си ја дозволувате?

Почнете со пишување контра-аргументи.
Каде СУМ креативна?
Како СУМ креативна?

Понатаму, за да имате мотивација да ја „дозволите“ кај себе креативноста, пишете одговори и на следниве прашања:

· За што ми е потребна креативноста?
· Која ми е крајната цел, што ќе ми донесе креативноста во животот?
· Во која област од животот, поточно и првенствено?
· И, како ќе се чувствувате кога ќе ја осетите и пуштите од ланец вашата креативност?


Пишувајте.

По некое време, продолжете со следниве прашања:

– Каква личност сакам да креирам од себе?
– Што сакам да креирам од својот живот?
– Каде можам најбрзо да направам некој нов начин да правење на нештата?
– Каде можам да направам трајна иновација, нов пристап во мене, во мојата личност, во начинот каква се појавувам во тој дел од мојот живот?

Време е да си дадете слобода и дозвола да започнете да „бидете“ креативни и да креирате по свесно и насочено да создавате вашата најголема креација – себеси.

Ирена Јакимова, Професионален обучувач за возрасни и тренер (coach), ментор за личен и професионален развој

Inspirit Coaching

Извор: zenskimagazin.mk

Гордост и предрасуди

Минатиот месец кружеше еден предизвик на Фејсбук, да објавуваме корици од книги што ги сакаме, само корицата, со цел да се зголеми љубовта кон читањето кај нас. Признавам, не успевам секогаш (да не речам, никогаш) да следам предизвицина социјалните мрежи.

Овој пат, го прифатив предизвикот. Иако беше обврска за пет последователни денови, признавам дека уживав. Ме поведе да ја пуштам интуицијата да избира помеѓу сите книги што ги имам во моментот дома, околу мене, на полиците, по фиоките… ме поведе да избирам само пет, да избирам книги што би биле корисни, интересни за луѓето.

Секоја книга ме врати во одреден период од мојот живот, секоја ме потсети на нешто што ме научила, на некој печат што оставила на мене, на некој процес на размислување што иницирала, на поместување на чувства…

Така, тргнувам сега на патување со мојава денешна колумна, сакајќи да постелам пред Вас 2 прашања:

1. Дали се сеќавате, дали сте свесни – кои книги, кои приказни ве моделирале од мали нозе, од младоста? Кој бил вашиот омилен лик од приказните? Која е вашата хероина од Дизниевите филмови? Колку сега тие ликови ве водат кон животот што е највистинскиот за вас, а колку ве држат заробени во некое минато, дури и да е тоа романтично? Имате ли храброст да се простите од некои од тие ликови што живеат во вас?

2.  Колку често сте забележале дека кај вас (и кај другите околу вас) играта ја води вашата гордост (во смисла на инает, его, пркос, недостапност, сезнаење, мислам дека сум подобра од другите или мислам дека не сум) и колку пати кај вас и кај другите околу вас сте забележале дека поради предрасуди (претходно изградено и зацврстено мислење, верување за некој поим, за некое лице или за група луѓе, а, најстрашно од се’ – некое цврсто уверување за себе, без да биде проверено) и затоа не преземате некои активности, не учите нови работи, не менувате ништо во животот, постојано ви се случуваат истите сценарија…

Ако си дадете време да одговорите на овие прашања, уште поубаво, ако си ги запишете, ќе ви се отвори капијата на едно чудесно патување (на коешто можете да тргнете ако сакате, а не морате), а тоа е патувањето на вашиот личен развој и можност за ново креирање на вашата личност. Тоа патување не е брзо и кратко, а може и да не биде лесно. 

Кога ќе сфатите и почувствувате (во умот и во телото) дека имате бесконечно голем број можности за креирање на својата личност (својот идентитет) преку промена на приказните што ќе си ги кажувате себеси, промена на приказните на кои ќе им верувате и ќе се потпирате на нив дека се вистина и дека така треба, и кога ќе дозволите со тој нов пасош и нов идентитет да тргнете на патување без граници, патување на коешто ќе ги заобиколите вашите гордост и предрасуди, патување на коешто ќе ја осетите моќта на незнаењето на наредниот чекор и моќта на губењето на сигурното тло под вашите нозе,  патување на коешто ќе си дозволите да не сте сигурни, да сте згрешиле, да не сте во право, да постои и друго мислење, друго знаење, друга вистина, за вас и за другите – на тоа патување имате можност да ви се отворат невидено убави нови пејзажи, досега незамислени звуци и мириси, патување на коешто ќе имате дозвола и моќ одново да се креирате себеси, онакви какви што и не сте ни знаеле дека сакате и можете да бидете. Затоа што, тоа го немало во книгите што сме ги (про)читале или слушале како мали.
Тоа го немало во нашето минато.

И, кога сега би ве прашала и кога би можеле да одговорите без никакви ограничувања на следниве прашања:- Како би сакале да се вика книгата за вашиот живот од сега натаму?

– Како би изгледала корицата?

Што би ми одговориле?

Ве канам да го запишете сето ова во вашиот дневник, но, не оној од детството, туку нов, бидејќи сега сте возрасна жена која има право да ја пишува својата нова приказна. Без предрасуди, а со давање себеси целосна дозвола да бидете горди на себе. Време е.

Ирена Јакимова, Професионален обучувач за возрасни и тренер (coach), ментор за личен и професионален развој

Inspirit Coaching

Извор: zenskimagazin.mk

Како комуницираме со нашите деца?

This image has an empty alt attribute; its file name is ирена-1024x789.jpgНе ми е прв пат да помислам како родителството е нешто најтешко, комплексно, нешто што не е лесно и е навистина многу одговорно. Ниту некаде се учи, ниту сме свесни дека за секоја нова генерација треба и ново упатство, бидејќи не може да се растат, воспитуваат и созреваат на истиот начин како претходната, а најмалку како нас, родителите. Едноставно, времето ги менува потребите и контекстот на растењето.

Но, има нешто што е, можеби, константно низ сите генерации, а тоа се основните правила за комуницирање со децата. Децата, тој сунѓер, тоа мало огледало, таа ламба што зрачи, тој кристален сад подготвен да прима, впива, отсликува и пресликува се’ што ќе види, чуе и нема да чуе околу себе во процесот на растење. И, овие правила не важат само за родители. Може да сте едукатори, тренери, учители или роднини и исто да ви користат.

Начинот на којшто ние комуницираме со нашите деца, зборовите, речениците, тонот што ги користиме – сето тоа влијае на нивното однесување и на развојот на нивната личност.

Уште поважно – тоа влијае на нивните уверувања за тоа каков е светот и какви се тие самите.

Дали сме свесни како комуницираме со нашите деца, а и со другите луѓе кога се децата присутни?
Дали сме свесни колкаво е нашето влијание со нашата комуникација?

Дали користиме јазик што ги РАСТЕ или јазик што ги СМАЛУВА нашите деца?
Дали добиваме некаков соодветен одговор, однесување, послушност/соработка или само спротивното?

Какви реченични конструкции користиме?

Дали со нашата комуникација ние често ја намалуваме самодовербата на нашите деца или ја зголемуваме?

Како го правиме првото?

Како го правиме второто?

И мене никој не ме учеше како да бидам родител, како да комуницирам со моите деца…
 Ме учеле генерациите пред мене, правејќи онака како што мислеле дека е најдобро, единствено онака како што знаеле… Ме учела литературата, ме учела телевизијата… Прв пат и најмногу се задлабочив кога изучував NLP (невро-лингвистичко програмирање) и разни пристапи од позитивната психологија за да си помогнам и да станам подобар, поефикасен родител, да можам свесно да влијаам врз моите деца, со позитивна намера. НЛП е за збир од методологии и пристапи коишто го опишуваат начинот како го разбираме светот и како го организираме своето размислувањечувствувањејазикот (говор) и однесување. Сите ние имаменаш уникатен ментален систем за процесирање на милионите информации што преку нашите сетила ги примаме од надворешниот свет. Потоа, ние им даваме значење на информациите што сме  ги примиле. Ова е нашата внатрешна навигација, нашата „карта“ на светот. Во овој наш внатрешен свет „живеат“ нашите верувања, вредности и критериуми што ја создаваат рамката за нашето размислување,  а таа рамка потоа влијае на нашето однесување.

Замислете колку голем фактор се родителите во создавањето на овој внатрешен свет кај децата?

Како функционира мозокот?

Надворешните информации поминуваат низ филтри и создаваат слика. Сликата создава емоција, која води во некаква (емоционална) состојба. Состојбата влијае на однесувањето.

Што е она што сакаме да добиеме од децата со нашата комуникација?
ОДНЕСУВАЊЕ.

Повторени однесувања, водат до уверувања, а сетот од уверувања одредува каква е личноста.

Од сите мои досегашни искуства, изучувања, истражувања, набљудувања – можам да донесам еден заклучок, да пренесам еден впечаток, а тоа е дека огромен број луѓе се најмногу оштетени од своите добронамерни родители. Уништена самодоверба, всадена понизност и чувство на помнала вредност, всадени чувства дека ќе снема и треба да се граба од другите, потреба да се надомести љубовта преку надворешно барање внимание…

Еве неколку корисни насоки/правила за комуницирање со децата:

1.  Комуницирајте со почит.

И малото дете е личност, којашто, како и секоја друга личност, сака да се чувствува важно, потребно и почитувано. Тоа не значи дека треба да бидеме понизни пред децата. Едноставно, добро е да внимаваме со нашето однесување и комуникација, да не ги навредиме и потценуваме. Треба да се воздржиме од пцости, особено упатени директно кон детето. Треба да исфрлиме навредливи зборови кои ја намалуваат нивната самодоверба, самопочит и љубов кон себе (како на пример: „Глупачке, идиоту, смотана, трапава, мрзлив, ѓубре мало…“ и слично). И со нашата невербална комуникација, со говорот на нашето тело, ние исто така оддаваме почит или непочитување. Дали им вртиме грб кога им зборуваме на децата или ги гледаме? Дали одмавнуваме со раката во неверување и потценување или им кимаме со главата како поддршка? Една од најдобрите методи е да ги гледаме во очи кога им зборуваме, ако треба да се наведнеме и да клекнеме до висината на помалите.

2.  Правете мудри реченични конструкции:

Внимавајте на користењето на НО или АМА…
После овие 2 збора, Вие како да бришете се’ што сте кажале пред тоа.
Наместо тоа, употребете И.

Пример: Си ја наместила собата, АМА креветот не ти е наместен.
Си ја наместила собата, И уште креветот да си го наместиш,
ќе ти биде полесно за навечер…

Обидете се и потрудете се реченичните конструкции да Ви бидат формулирани кон тоа што  сакате да го направи, а не бегство од нешто што не сакаме да го направи. Или што сакаме да престанат да прават. Потсвесниот ум не процесира негации.

Што ќе помислите ако ви кажам: „НЕ ме замислувајте во розева блуза! “

Што видовте?

Замислете што правиме ако на децата им велиме:
Не викај!
Не скокај!
Не оди таму, ќе паднеш.
Немој да пиеш алкохол на журката.
Немој да си ги заборавиш патиките!

Ајде да се обидеме да го смениме сето ова во појасни наредби кли водат КОН исполнување:

Ајде, зборувај потивко. Можеш ли да зборуваш потивко?
Може ли да седнеш? Може ли да се качуваш полека? Може ли да внимаваш?
Земи си ги патиките! Внимавај (памти) да си ги понесеш и патиките.

3.  Зборувајте за однесувањето, не за личноста

Кога сакате да опоменете за нешто, да укажете на некое несоодветно однесување, зборувајте за однесувањето, а не за личноста на детето. Така полесно допирате до нив, а не ја нарушувате нивната самодоверба. На пример, ако се истурило млекото, наместо да кажете „Ама си трапав(а), смотан(а), фатен(а) во рацете и слично“, туку изберете да кажете нешто како „Ти се истури млекото. Следниот пат внимавај повеќе или оди од другата страна. Ајде сега да ти помогнам да собереме…“ Или „Ти треба ли помош да избришеш?“ (зависно од возраста).

Или, друг пример: „Како си така глуп(а) и не разбираш?“ Пробајте со: „Ајде, сврти ја кутијата од другата страна, отвораш од прогрешна страна, така полесно ќе отвориш…“

This image has an empty alt attribute; its file name is Dete-noga.jpg

Внимавајте на она што (не) го кажувате со вашето тело, гестикулација, со вашиот израз на лицето, со тонот на гласот… Децата сакаат да бидат видени, но и „огледалени“. Сакаат да го видат својот одраз во ликот на возрасниот.  Потрудете се секогаш кога можете, да одвоите кратко, ама насочено внимание на Вашето дете. Бидете присутни, гледајте го во очи, покажете дека го слушате, дајте му важност, што не мора да ја намалува строгоста или принципиелноста. Секое човечко суштество, а најмногу ДЕТЕТО сака да се почувствува дека припаѓа, дека е некому ВАЖНО. 

 

Извор: zenskimagazin.mk

 

Комуникација во живо, преку телефон или пишана

This image has an empty alt attribute; its file name is ирена-1-1024x789.jpgБидејќи правиме пауза со вебинарите, решив да ви подготвам корисни текстови што би ви помогнале да ги подобрите своите вештини во ова време на необично лето, пауза со одмор, чекање со регенерирање…подготовки за новата есен, можеби поразлична од сите есени што досега сме ги доживеале… Можеби ова ќе биде вашата есен, без оглед на се’?

Минатиот пат зборувавме за личното лидерство (водење на себеси), пред некое време пишував за комуникацијата со себе, а сега ќе се осврнеме на најважната вештина на водството. Комуникацијата. И нејзините три различни форми. Навидум различни, а слични, и, сепак, со свои специфичности, ќе ги разгледаме овие три начини на комуникaција.

Ќе разгледаме што е различното, а што е исто за сите, за да ви користат при секојдневните прилики на комуникација.

Комуникација во живо

Деновиве „во живо“ подразбира и видео повици (состаноци, вебинари, конференции).
Предноста кај комуникацијата во живо е што имаме поголем дијапазон на „алатки“ и канали за комуницирање, а тоа ги вклучува:

А) изразот на лицето (очите, главата)
б) движењата на рацете (раменици, дланки, што правиме со рацете)
в) нозете, ставот
г) целото тело
д) просторот околу нас
ѓ) гласот.
 

Кога сме во комуникација во живо, ние можеме да ја засилиме нашата порака и нашата комуникација со другата страна. Едно истражување на професор Мехрабиан укажало на тоа дека нашата порака се пренесува само преку 7% зборови, 33% тон на гласот и брзина на говорот, а цели 54% се заслуга на говорот на нашто тело (и сигналите што ги испраќа преку своите несвесни движења). Затоа, кога сме во комуникација каде што се присутни и двајцата соговорници, ова може многу да влијае на пренесувањето и на целосната порака што се испраќа и прима.

Понатаму, ако е првиот чекор да сме свесни за нашето тело, глас, движења, гестови и мимики, вториот чекор е нив и да ги следиме, контролираме и насочуваме кон најоптимално пренесување на нашата порака, кон тоа да бидеме најдобро разбрани, и конечно да предизвикаме некаква промена на сознанијата и на емоциите кај другата страна. Третиот чекор подразбира да станеме свесни и со изострени сетила за да ја набљудуваме другата страна и да ги следиме нејзините реакции, нејзиниот говор на телото, тонот на гласот, гестови и мимики… Сето ова ќе ни укажува што се случува во умот на другата страна, какви реакции и чувства се јавуваат, па согласно на тоа и ќе препознаеме дали нашата порака е добро пренесена, дали она што го зборуваме е јасно, прифатливо или има внатрешен отпор кај соговорникот. Ова активно следење ќе ни укаже во кој момент да запреме, да поставиме прашање или да ја смениме темата…

Она што можеби е недостаток, отежнувачки фактор за овов вид комуникација е тоа што треба да сме побрзи, некогаш немаме многу време за размислување и пронаоѓање на најсоодветниот одговор, реакција, збор…

За среќа, сето ова се учи.

Комуникација преку телефон.

Можеби не го гледаме соговорникот, но, верувајте, и овде голема улога има говорот на нашето тело, со тоа што на прво место е гласот (тонот, висината, брзината, паузите), а потоа, секако и ставот на нашето тело. Не е сеедно и не е ист впечатокот и пораката (енергијата) што се испраќа, ако стоиме, лежиме или седиме. Нашата состојба, нашето расположение, подготвеност, сигурност или несигурност, се чувствуваат и пренесуваат и преку телефонскиот разговор, дури и кога соговорникот не не’ гледа.

Исто така, и ние можеме и треба да внимаваме на состојбата на соговорникот од другата страна, да препознаеме дали е во седечка или стоечка позиција, дали брза или има време, да ги препознаеме паузите, моментите кога размислува, кога забрзува или го забавува темпото… да дадеме време и миг за размислување, за одговор, да бидеме ислушани.

Особено важно ми се чини е и самиот прв момент на отпочнување на разговорот, да прашаме дали има време. Потоа е добро да најавиме зошто се јавуваме.

Оваа комуникација има ограничување што треба да е пократка, некаква мала предност може да биде што можеби можеме да се послужиме со читање некои информации, ако ни се потребни за помош. Но, сепак, и кај двете е клучно дека треба да го следиме однесувањето, реакциите на соговорникот и да го следиме темпото.

Пишана комуникација преку мејл.

Предноста на пишаната (е-мејл) комуникација е тоа што имаме време убаво да осмислиме што ќе напишеме и, ако треба, да се навратиме на неколку пати, да го прочитаме напишаното, да додадеме и одземеме, да смениме. Сето ова го правиме со цел да испратиме подобра, појасна и повлијателна порака. Кај пишаната комуникација, не го гледаме или слушаме соговорникот, но, сепак оставаме впечаток со начинот на кој ги користиме зборовите. Така создаваме слики и чувства во умот и психологијата на нашите читатели.

Јасно средена реченица, мисла која има јасна насока, текст кој што се реди според некаков разбирлива редослед и создава целина, јасно одвоени пасуси, кратки и разбирливи реченици – сето ова допринесува кон подобра порака. Зависно од типовите мотивациски системи што ги имаат луѓето, можеме да препознаеме дали некој сака кратко и јасно, брзо да дојде до целта, или сака да пишува во детаљи, дали го има на ум целиот тим или грижата за другиот – сето ова можеме да го препознаеме во начинот на кој се пишува. Она што е добро за нас и за другата страна – можеме да го прилагодиме нашиот стил на пишување кон тој на лицето со кое се допишуваме. Така полесно ќе се разбереме. Уште ако одиме во повеќе длаобочина и детали, па осознаеме со кое сетило ја објаснува реалноста внатре во својот свет (дали користи „слушам, звучи, гласи“ и слично или пишува „гледам, јасно ми е, види вака…“) – и во тој случај можеме да се доближиме до нашиот „соговорник“ со кој што се допишуваме, па да добиеме подобра, потемелна, полесна и повлијателна комуникација. Оти, целта на комуникацијата ни е да пренесеме некаква порака, информација, а, пред се’, да создадеме емоции.
 

This image has an empty alt attribute; its file name is Communication-slika.jpg

Ако резимираме: трите начини на комуницирање имаат свои предности и недостатоци, затоа треба да сме вешти во сите начини, а и вешти во тоа да препознаеме дали нашиот соговорник преферира лично, преку телефон или пишано да комуницира. Во сите случаи, заедничко е што комуникацијата не се само зборови, туку голема улога игра начинот на кој тие се употребени, бидејќи, заедно со зборовната порака, нашите потсвесни делови комуницираат меѓу себе на едно многу пошироко и подлабоко поле.

Секое време е добро и важно за усовршување на комуникацијата, но, имате ли чувство дека сега имаме најмногу време за да почувствуваме што е важно и да решиме на што ќе работиме за да поминеме во нашето наредно ниво?

Ирена Јакимова, Професионален обучувач за возрасни и тренер (coach), ментор за личен и професионален развој

Inspirit Coaching

 

Извор: zenskimagazin.mk

Отворен вебинар во среда со Женски Магазин и Ирена Јакимова: 12 СОСТОЈКИ НА ЛИЧНОТО ЛИДЕРСТВО (SELF-LEADERSHIP)

Летото е убав период да се свртиме кон себе, ако веќе не се свртевме доволно во изминатиот период… И, колку е доволно?

Темата за лидерството е вечна тема, во секое општество, во секоја заедница, за секое суштество… Еве, денес избираме пратеници, избираме лидерство за земјата во којашто живееме. Избираме кој ќе не’ застапува и носи одлуки за функционирањето на општеството.

Но, што значи поимот лидерство, ако прво не го разгледаме поимот лично лидерство, или лидерство, водење на самите себе? Како можеме да водиме други (без разлика кои и колку се тие) ако прво не сме научиле како да се водиме себеси?

Што значи да се водиме себе?
Што подразбира поимот лично лидерство (self-leadership)?

Да тргнеме со ред:

1.  Значи да се познаваме добро. Да знаеме како размислуваме, што ни се вредности (што ни е важно), колку знаеме, колку не знаеме, што уште треба да знаеме, во која област (вештина) треба да се усовршиме?

2.  Значи да ги познаваме своите емоции и да умееме да се дружиме со нив, односно, да умееме да ги прифаќаме без да не’ управуваат. Тие да дојдат со порака, ние да ја примиме и да одиме понатаму, менувајќи нешто или не… Значи и да умееме да ги бираме емоциите како во џубокс! Со препорака да се усовршиме да ги бираме оние што ни даваат убава состојба.

3.  Понатаму, значи да сме свесни за тоа како се гледаме себеси, а како не’ гледаат другите. И да сме свесни кој дел сакаме да го покажуваме, а кој дел од нас другите луѓе најмногу го гледаат.

4.  Значи и да сме свесни за својата вредност (вау!). Какво чувство имаме за себе, за нашата вредност во светот?

5.  Значи и да знаеме како управуваме (владееме) со себе, како носиме одлуки, како бираме однесување?

6.  Многу значи и да знаеме каде одиме, каде сакаме да стигнеме, што сакаме да постигнеме и зошто?

7.  Тука се надоврзува и мотивацијата. Како се мотивираме себеси за да тргнеме и да стигнеме до она што го сакаме. И како секој ден се покренуваме, колку често ни треба мотивација и дали умееме да се подигнеме, освежиме и побараме помош кога ќе потклекнеме или паднеме? Како си помагаме?

8.  Лично лидерство или водство на себе значи и да си ги знаеме желбите – големите и малите. И како да преговараме меѓу нив. Како да ги увериме малите желби да почекаат понекогаш во име на големите…

9.  Значи и начинот на којшто си поставуваме цели. Дали тие цели се искрено наши, желби на нашата душа или се наметнати од надвор. Дали тие цели служат и за другите луѓе? Дали сме свесни каков е нашиот придонес кон животот на другите луѓе?

10.Лично лидерство значи и да бидеме свои учители и ментори. Да учиме цел живот, да се почестиме со едукација, настан, искуство… Да се насочуваме себеси како добар родител, да си овозможиме добро образование и воспитание.

11.Значи и како се грижиме за себе. Дали ги познаваме желбите и потребите на своето тело, на својата душа, како и кога се храниме, колку вежбаме и колку одмараме? Како се храниме со музика, книга, уметност, танц?

12.Да бидеме добар лидер за себе, за потоа да можеме да бидеме лидер на други (колку и да се) – треба да имаме постојано еден микс од зачини со нас, а тој ни овозможува истрајност, еластичност, пријатност во својата кожа… Тој микс од зачини е составен од: оптимизам, љубопитност, креативност, а најмноду од се’ – благодарност на животот.

Имате ли вечер 80 минути за креативна игра/ анализа на овие теми?

Заедно со Женски Магазин организираме отворен вебинар кој може бесплатно да го проследите на овој линк вечер во 20.30 часот. 

Ирена Јакимова, Професионален обучувач за возрасни и тренер (coach), ментор за личен и професионален развој

Inspirit Coaching

Извор: zenskimagazin.mk