Бидејќи правиме пауза со вебинарите, решив да ви подготвам корисни текстови што би ви помогнале да ги подобрите своите вештини во ова време на необично лето, пауза со одмор, чекање со регенерирање…подготовки за новата есен, можеби поразлична од сите есени што досега сме ги доживеале… Можеби ова ќе биде вашата есен, без оглед на се’?
Минатиот пат зборувавме за личното лидерство (водење на себеси), пред некое време пишував за комуникацијата со себе, а сега ќе се осврнеме на најважната вештина на водството. Комуникацијата. И нејзините три различни форми. Навидум различни, а слични, и, сепак, со свои специфичности, ќе ги разгледаме овие три начини на комуникaција.
Ќе разгледаме што е различното, а што е исто за сите, за да ви користат при секојдневните прилики на комуникација.
Комуникација во живо
Деновиве „во живо“ подразбира и видео повици (состаноци, вебинари, конференции).
Предноста кај комуникацијата во живо е што имаме поголем дијапазон на „алатки“ и канали за комуницирање, а тоа ги вклучува:
б) движењата на рацете (раменици, дланки, што правиме со рацете)
в) нозете, ставот
г) целото тело
д) просторот околу нас
ѓ) гласот.
Кога сме во комуникација во живо, ние можеме да ја засилиме нашата порака и нашата комуникација со другата страна. Едно истражување на професор Мехрабиан укажало на тоа дека нашата порака се пренесува само преку 7% зборови, 33% тон на гласот и брзина на говорот, а цели 54% се заслуга на говорот на нашто тело (и сигналите што ги испраќа преку своите несвесни движења). Затоа, кога сме во комуникација каде што се присутни и двајцата соговорници, ова може многу да влијае на пренесувањето и на целосната порака што се испраќа и прима.
Понатаму, ако е првиот чекор да сме свесни за нашето тело, глас, движења, гестови и мимики, вториот чекор е нив и да ги следиме, контролираме и насочуваме кон најоптимално пренесување на нашата порака, кон тоа да бидеме најдобро разбрани, и конечно да предизвикаме некаква промена на сознанијата и на емоциите кај другата страна. Третиот чекор подразбира да станеме свесни и со изострени сетила за да ја набљудуваме другата страна и да ги следиме нејзините реакции, нејзиниот говор на телото, тонот на гласот, гестови и мимики… Сето ова ќе ни укажува што се случува во умот на другата страна, какви реакции и чувства се јавуваат, па согласно на тоа и ќе препознаеме дали нашата порака е добро пренесена, дали она што го зборуваме е јасно, прифатливо или има внатрешен отпор кај соговорникот. Ова активно следење ќе ни укаже во кој момент да запреме, да поставиме прашање или да ја смениме темата…
За среќа, сето ова се учи.
Комуникација преку телефон.
Можеби не го гледаме соговорникот, но, верувајте, и овде голема улога има говорот на нашето тело, со тоа што на прво место е гласот (тонот, висината, брзината, паузите), а потоа, секако и ставот на нашето тело. Не е сеедно и не е ист впечатокот и пораката (енергијата) што се испраќа, ако стоиме, лежиме или седиме. Нашата состојба, нашето расположение, подготвеност, сигурност или несигурност, се чувствуваат и пренесуваат и преку телефонскиот разговор, дури и кога соговорникот не не’ гледа.
Исто така, и ние можеме и треба да внимаваме на состојбата на соговорникот од другата страна, да препознаеме дали е во седечка или стоечка позиција, дали брза или има време, да ги препознаеме паузите, моментите кога размислува, кога забрзува или го забавува темпото… да дадеме време и миг за размислување, за одговор, да бидеме ислушани.
Оваа комуникација има ограничување што треба да е пократка, некаква мала предност може да биде што можеби можеме да се послужиме со читање некои информации, ако ни се потребни за помош. Но, сепак, и кај двете е клучно дека треба да го следиме однесувањето, реакциите на соговорникот и да го следиме темпото.
Пишана комуникација преку мејл.
Предноста на пишаната (е-мејл) комуникација е тоа што имаме време убаво да осмислиме што ќе напишеме и, ако треба, да се навратиме на неколку пати, да го прочитаме напишаното, да додадеме и одземеме, да смениме. Сето ова го правиме со цел да испратиме подобра, појасна и повлијателна порака. Кај пишаната комуникација, не го гледаме или слушаме соговорникот, но, сепак оставаме впечаток со начинот на кој ги користиме зборовите. Така создаваме слики и чувства во умот и психологијата на нашите читатели.
Ако резимираме: трите начини на комуницирање имаат свои предности и недостатоци, затоа треба да сме вешти во сите начини, а и вешти во тоа да препознаеме дали нашиот соговорник преферира лично, преку телефон или пишано да комуницира. Во сите случаи, заедничко е што комуникацијата не се само зборови, туку голема улога игра начинот на кој тие се употребени, бидејќи, заедно со зборовната порака, нашите потсвесни делови комуницираат меѓу себе на едно многу пошироко и подлабоко поле.
Секое време е добро и важно за усовршување на комуникацијата, но, имате ли чувство дека сега имаме најмногу време за да почувствуваме што е важно и да решиме на што ќе работиме за да поминеме во нашето наредно ниво?
Ирена Јакимова, Професионален обучувач за возрасни и тренер (coach), ментор за личен и професионален развој
Inspirit Coaching
Извор: zenskimagazin.mk