Се одржа ПРВОТО ОНЛАЈН HR AND NETWORKING CAFFE, на тема: „RESILIENCE (ОТПОРНОСТ) ВО ВРЕМИЊА НА НЕИЗВЕСНОСТ“

На покана на Македонската асоцијација за човечки ресурси (МАЧР), Ирена Јакимова одржа работилница на првото онлајн HR and Networking Caffe оваа есен.

За прв пат, адаптирајќи се на новите услови, МАЧР целосно онлајн го спроведе своето HR Caffe & Networking за сите членови, HR професионалци и HR ентузијасти.

Темата на настанот: „RESILIENCE (отпорност) во времиња на неизвесност“, беше разработена со примена на револуционерната Points of You® методологија, која ги подобрува креативноста и продуктивноста кај поединците и тимовите.

Методологијата Points of You®  ги отвора за дискусија и најинтровертните и аналитичките индивидуи и се користи во различни облици на развојна работа со возрасни, млади и деца, преку индивидуална и/или групна работа.

Ирена Јакимова е сертифициран тренер за обучување на Points of You® методологија и коуч.

Во Македонија, повеќе од 60 луѓе веќе ги имаат земено алатките и ја поминале во Инспирит Коучинг иницијалната едукација. Дванаесет (12) од нив веќе се обучени за напредни вештини и обучување други луѓе. Наскоро ќе објавиме нови термини за обуки со Points of You.

 

Резилиентност (Resilience)

Денес имам онлајн работилница на оваа тема, а до вчера попладне се мислев што да напишам за ппрвата колумна во септември… Која порака сакам да ја испратам? Каде можам да придонесам, сега, овој период, овде? Си реков, приквечер ќе седнам, ќе осетам убаво што сакам да пишам…вечер ќе ја прегледам уште еднаш, и готово! 

Но, ха-ха, дали ви се случило работите да не ви излезат според планот,спореед замисленото? Дали ви се случило да се превртат нештата, да ве извадат од колосек, од план, да не биде така, да се отежнат работите, да се искомплицираат, дали ви се случил стрес? Верувам се смеете сега додека читате и си велите: „Ме прашуваш за непредвидливи ситуации, промени, потешкотии и стрес? Мора да се шегуваш? Па, тоа е секојдневие… Стрес е главен елемент од којшто сме составени…“ Дали е така? Ако е така, да видиме како опстојуваме, како траеме, како се исправаме, истегнуваме, враќаме во својата форма и покрај сиот тој стрес и непредвидливост на животот?

Да се вратам на мојата вчерашна авантура. Она што го мислев дека ќе биде приквечер, излезе цела една авантура. Излезе непредвидено дека јас треба да го носам синот на тренинг (што не само што не го имав планирано, туку го имав и сосема изумено како настан). Ајде, се спремивме брзо и си го зедов со мене лаптопот (си реков, супер, ќе седнам во некое кафуле на отворено и ќе си работам тој 1 час!). 

По пат излезе дека од скоро е сменета локацијата на овој тренинг (а јас не сум знаела), па кружевме и вртевме, среќа на крајот на време паркиравме некаде за да стигнеме на кејот, каде што сега се држи овој тренинг. Кафуле нема на далечина. 

Но, најдов клупа. Седнав, го отворив лаптопот (не ми треба интернет за пишување документи што ги имам) и во тој миг, кога ја погледнав глетката на зајдисонце зад Вардар, мирисот од паркот и реката, тивкото ветерче на лицето, релативната тишина поради широчината на просторот – си реков, вау, како не сум се сетила порано на вакво нешто убаво! Прекрасно чувство, прекрасно искуство… 

Она што можеше да се претвори во стрес, нервоза, себесожалување или бес…јас избрав да го видам, осетам и доживеам како ново искуство. Ја избрав позитивната страна, избрав да ја гледам придобивката, избрав да работам и да го одмарам своето тело, на воздух, на клупа, до зеленило, покрај река и со преубав залез на сонцето… 

Кога го отворив лаптопот, во папката со колумни и текстови, се појави еден стар напис за Резилиентност… И ми се склопија коцките. Па, за ова ќе пишуваш. Ќе пишуваш како да истрајуваме, како да се чуваме од стрес, како да го чуваме своето здравје, здравиот разум, доброто расположение и насоченост кон нашата цел, кон нашата визија.

Ако почнам да ви раскажувам, за оние што не ме знаат, ќе разберете дека ова е една од најмалите стресни случки што ми се случиле и ми го „изместиле“ планот… Но, ако ме прашате, како повторно се враќам на својата форма, на својата патека и како повторно сум радосна, љубопитна и благодарна…можам да споделам некои размислувања и лични искуства за тоа. Подесеноста на мојот ум да биде оптимист, да ја бара секогаш новата и позитивна насока, да верува дека може (ако не вака, тогаш онака), да најде начин да закрепне после секоја пречка…тоа се основите на мојата резилиентност. 

Што е тоа психолошка резилиентност?

Се преведува како отпорност, издржливост, способност за враќање во форма после тешки периоди, брзо надминување и растење после неуспеси…

Најдете сила да продолжите.

Резилиентноста е нашата способност да се адаптираме и да се подигнеме повторно кога работите не одат според планираното. Резилиентните луѓе не се жалат или предаваат на неуспесите; тие ја признаваат ситуацијата, учат од своите грешки, а потоа продолжуваат понатаму.

Еве некои особини што им се заеднички на резилиентните луѓе (според Center for Learning Connections):

Имаат позитивна слика за иднината

Одржуваат позитивна слика и предвидуваат посветли денови во иднина.

Имаат цврсти цели и желба да ги постигнат тие цели.

Тие се емпатични и сочувствителни, но, тие не губат време да се грижат за тоа што мислат другите за нив. Одржуваат здрави релации (односи, врски), но, не се потчинуваат на притисокот на нивното друштво.

Тие никогаш не се доживуваат себеси како жртви – своето време и енергија го насочуваат кон промена на работите врз коишто имаат контрола.

Како гледаме на тешкотиите и на стресот силно влијае на тоа како успеваме, и ова е една од најзначајните причини зошто имањето резилиентен начин на размислување (mindset) е толку важно!

Факт е дека одвреме навреме ќе паднеме или нема да успееме: неизбежен дел од животот е да правиме грешки и повремено да треснеме од земја. Да се ​​биде резилиентен значи дека кога е тешко или нема да успееме, да умееме да се подигнеме повторно (да се вратиме како ластик), да имаме сила да ги научиме лекциите што треба да ги научиме и да можеме да продолжиме кон поголеми и подобри работи. 

Резилиентноста (како вештина и особина) ни дава моќ да ги надминеме тешкотиите, за да можеме да го живееме животот што го сакаме.

Размислете каде сте по ова прашање? 

Што правите добро, а што би можеле да промените?

Ирена Јакимова, Професионален обучувач за возрасни и тренер (coach), ментор за личен и професионален развој

Inspirit Coaching


Извор: zenskimagazin.mk

Давање и примање

Ако ве прашам да пополните тест, прашалник или најобичен попис на областите во вашиот живот каде што чувствувате дека е празно или дека не се движи, или дека споро се движи, или дека се движи, па застанува… што би напишале? Во која област од животот посакувате да имате повеќе, да бидете повеќе?

Дали тоа е љубов, пари, дружење, здравје, професионален напредок, хоби? Запишете каде сакате да имате повеќе, запишете што значи тоа „повеќе“ лично за вас (сите имаме различни потреби, очекувања и мерила за она што го посакуваме), запишете како ќе изгледа кога ќе го имате тоа ваше „повеќе“, како ќе се чувствувате, што ќе гледате, слушате, што ќе видат другите кај вас?

Ако убаво запишавте се’ ова, сега ќе ве прашам ново прашање. Во ова прашање лежи магичната моќ на почетокот на сите ваши остварувања. Прашањето е следново: Имате ли каде сето тоа да го ставите? Колкав ви е капацитетот за примање? Дали умеете, или уште попрецизно, дали дозволувате да примате?

Летово, во летната обука за жени „Ти си таа“, секоја недела работам со прекрасна група од 25 жени (сега се 24, бидејќи едната се породи и е посветена на тој важен период што бара од нас многу давање). Минатата недела повторно и’ дадовме внимание на оваа тема.
 

Како што созреваме во нашиот живот, особено ние жените, се’ полесно ни е да даваме или ние да правиме се’. Така, на некој чудно наметнат начин на современиот живот, ние си докажуваме дека сме „супер-жени“, за тоа се храбриме, се восхитуваме и си честитаме. Колку повеќе правиме се’ сами, толку повеќе се чувствуваме хероини и очекуваме дека ќе добиеме – пофалба, признание, восхит, внимание, време, љубов? Така мислиме дека ги „заслужуваме“ напредувањето, љубовта, вниманието, постоењето?

И колку повеќе даваме и чекаме, може да се случува и се’ помалку да добиваме… Дали би се нашле во овој опис, во некои делови од вашиот живот? И не само за жените, ова важи и за мажите, за сите луѓе. Колку сме научени и дозволуваме да примаме?

Подолу се конкретни тест-прашања што можат да ви помогнат да почнете промена во оваа област:
– Како реагирате на комплимент?
– Како одговарате кога ќе ви дадат подарок?
– Дали барате и дозволувате помош?
– Дали дозволувате да ве почестат?

– Дали дозволувате некој да се погрижи за вас?
– Дали дозволувате да имате време само за себе?
– Дали дозволувате вашето тело да прими нега, одмор, уживање?
– Дали дозволувате да примите совет?
– Дали дозволувате да примите нова мисла, нова идеја, нова навика?
– Дали дозволувате да бидете видени?
– Дали дозволувате да бидете сакани?

Прочитајте ги убаво овие прашања и обидете се да го најдете местото (областа) во вашиот живот каде што сте го затвориле каналот, прозорецот за примање. Потоа помислете како би било кога би пробале да почнете да пуштате по малку да примате (помош, внимание, ситен подарок, идеја, совет, друг начин – вие одредете). Исчистете го и овој влез како што сакате домот да ви е чист и набљудувајте што ќе се случува. Ќе почнат полека да доаѓаат работите во вашиот живот и во другите области. 

Давањето може да биде полесно. Кога даваме, се чувствуваме поубаво. Кога примаме, можеме да почувствуваме дека сме должници, дека не заслужуваме… и што друго? Дополнете за себе…
 

Но, енергијата на животот сака да кружи, да се движи… Животот бара да има влез, излез, ширење, собирање, да пулсира… Не значи дека е точно и правилно ако сме биле научени дека само давањето е добро. Како што земјината топка ја прима енергијата на сонцето, како што почвата ја прима водата – за да може да даде, така и вие, почнете да вежбате или да јакнете ПРИМАЊЕ, за да може животот да ви го испорача она што го сакате. За да можете и повеќе да дадете.

Ирена Јакимова, Професионален обучувач за возрасни и тренер (coach), ментор за личен и професионален развој

Inspirit Coaching

 

 


Извор: zenskimagazin.mk

Времето е пари

Колку пати сте ја слушнале оваа изрека?

Како ја разбирате? Што значи таа за вас?
Дали ќе се согласите дека времето и парите се важни ресурси во нашиот живот на оваа планета?

Често пати сум слушнала: „ако имаш пари, немаш време, а ако имаш време, немаш пари.“ Што мислите за ова? Дали ова, според вас, е вистина?

Или е само уште едно условување и насочување на нашиот мозок да размислува во структура на „или-или“, црно-бело… и постојано да не’ забрзува да не „губиме“ време, бидејќи така губиме пари? Можеме ли да имаме и време и пари? И колку ни треба?

Почнете од таму што ќе забележувате КОЛКУ време и пари имате сега.
Како ги користите?

Парите се неограничен, енергетски, обновлив ресурс и можеме повторно да ги создаваме, акумулираме, иако и ова е тешко за разбирање, бидејќи со децении сме учени, воспитувани, тренирани да размислуваме во ограниченост, црно-бело, има-нема, толку.

Времето е филозофски поим, но, исто така е ресурс што не се обновува и не можеме да го оставиме во наследство, за разлика од парите. Нели? Времето е уште поскапоцен ресурс од парите.

И едното и другото можеме да ги зголемиме експоненцијално, а, како?

За парите ќе пишувам повторно во друга прилика, а овде ќе се задржам на тоа како можеме со помош на пари да го умножиме времето. За потоа да ни создаде нови пари. Нема да зборувам за финансиска писменост, односно за сите можни начини како да ги вложиме или инвестираме некаде парите да работат пасивно за нас. Овде ќе напишам збор-два за две други методи на инвестирање: менторство и делегирање.

Сакале, не сакале, и двете се поврзани со личниот развој. И, пак, сакале, не сакале, полека учиме дека личниот развој е најбрзиот автопат до повеќе време. И пари, ако сакате.

Сите знаеме како да направиме пари со помош на употреба на време, нели?

Ајде да видиме и да слушнеме како можеме да „умножиме“ време со помош на пари?

(1)  Прво, ако одиме се’ сами да правиме во животот, да учиме се’ сами, да учиме на своите грешки, да го бараме решението, да ги испробуваме начините, да се справуваме со своите начини на размислување (за кои често и не сме свесни дека не се правилни и не не’ водат во насока на животот што го посакуваме), можеме да „потрошиме“ многу време додека дојдеме до вистинските резултати, до она што сме го замислиле, што имаме намера и визија да го оствариме. До она што го заслужуваме, што ни следува. Ова се однесува на секоја област, особено на професионалната.

Ако сме доволно умни да ангажираме ментори, тренери, луѓе што го изминале патот, вложиле време (и пари) во собирање знаења, поминале искуства (работејќи ја нашата работа или која било друга работа што носи преносливо искуство), ако ги слушаме, следиме и нивното знаење и водство го споиме со нашата желба, визија и способности – тогаш мултиплицираме месеци, години, децении. Вложуваме во квантен скок, заштедуваме време за побрзо да прескокнеме во понапредна верзија од себе и од нашата професионална спремност.

Дали имате ментори во вашата компанија? Од самата компанија или тренери од надвор? Дали ги прашувате, слушате, дали барате совет? Дали барате совет од луѓе што успеале во она што сакате да го постигнете? Ако имате сопствен бизнис, дали имате ментор (тренер)?

(2)  Вториот пат, начин на „умножување“ или создавање време е – делегирањето. Почнете да размислувате што е тоа што можете да го дадете да го завршат и други (било да е тоа во вашиот приватен или во вашиот професионален дел од животот). Ако одберете вистински луѓе, ако станете вие нивни ментори или им овозможите да стекнат знаења и вештини што ги немаат во моментот), ако доволно умно ги распоредите активностите, и ако се простите од вашата верна и блиска пријателка наречена контрола!, и ако се посветите на личниот (и професионален) развој на себе и на другите од тимот (домашен или на работа) – на добар пат сте да создавате повеќе време, а и пари. Со тоа помагате и на други да се развијат и/или да заработат.

Помислете уште денес – кој може ова (што и да е тоа) да го направи подобро или побрзо од мене? Колку сакам/можам да платам за јас да се посветам на нешто што носи повеќе приход и/или напредок? Што е она што е моја специјалност, каде што јас најдобро можам да дадам придонес?

Благодарам на ова време што го поминавте со мене. Се надевам ќе ви отвори некои врати што ќе ви овозможат да добиете илјадници пати повеќе време отколку читањето на колумнава. И  пари, колку што ќе си дозволите.

 

Ирена Јакимова, Професионален обучувач за возрасни и тренер (coach), ментор за личен и професионален развој

Inspirit Coaching

 


Извор: zenskimagazin.mk

Дозвола за креативност

„Јас не сум креативна“.
„Како да иновирам, јас немам ниту производ, ниту производство?“

И јас едно време ја врзував креативноста со уметност, со изработка, а иновативноста со професор Балтазар од цртаните филмови или со научници, инжењери…

Она што можам да го заклучам од моето големо искуство и од работата со трансформацијата на поединци или компании е дека голем број луѓе не ја увидуваат својата креативност и не се пронаоѓаат во можностите за иновативност. Рамката во којашто ги ставаат овие зборови, ги ограничува во нивната примена.

Што се случува ако ја рашириме рамката?

Да почнеме со коренот на зборот КРЕАЦИЈА, КРЕИРА, КРЕАТИВНОСТ, ако тоа нешто ви значи, ако нешто ви помогне. Потекнува од латинскиот збор creatus (којшто значи да создаде, произведе, да причини нешто) и е поврзан со зборот crescere (да се роди, да израсне, да расне нешто).

Земете пенкало и хартија и запишете што се’ сте креирале, создале, израснале до сега? Имате ли толкава тетратка што може да ги прими сите ваши дела, креации, се’ што сте создале – од збор, однос, производ, оброк, облека, услуга, дете, фирма, зграда, слика, накит, растение, извештај, писмо, дом…? Дополнете…

Набројувајте, пишувајте, пишувајте, пишувајте… и потоа да се видиме и да поразговараме дали не сте креативни?

Се’ што умеете да создадете, особено ако тоа го правите и на нови, поинакви начини, и се’ што вам или некому користи, некому решава проблем или му го подобрува животот – сето тоа може да биде креација и вие слободно можете да си го ставите беџот КРЕАТИВНА. И се’ што можете да промените да се прави на поинаков начин, да има поинаква форма, процес, локација, насока, примена, да има усовршување, барем мало унапредување (или олеснување) – сето тоа може да биде иновација.

И, ако ве поканам да ја раширите оваа ваша „супер моќ“ и пошироко, заедно со природата, од којашто можеме само да црпиме инспирација и поддршка – дали сте подготвени да покажете креативност во начинот како се креирате себеси како личност? Дали смеам да ве поканам да почнете да бидете иновативни во начинот како го живеете својот живот? Дали можам да ве поканам да бидете креативни во зборовите што ги користите, наместо АМА, да пробате со АЈДЕ?

Што ве спречува, а што ви треба за да си „дадете дозвола“ за креативност? И за секоја друга особина што не си ја признавате, не си ја дозволувате?

Почнете со пишување контра-аргументи.
Каде СУМ креативна?
Како СУМ креативна?

Понатаму, за да имате мотивација да ја „дозволите“ кај себе креативноста, пишете одговори и на следниве прашања:

· За што ми е потребна креативноста?
· Која ми е крајната цел, што ќе ми донесе креативноста во животот?
· Во која област од животот, поточно и првенствено?
· И, како ќе се чувствувате кога ќе ја осетите и пуштите од ланец вашата креативност?


Пишувајте.

По некое време, продолжете со следниве прашања:

– Каква личност сакам да креирам од себе?
– Што сакам да креирам од својот живот?
– Каде можам најбрзо да направам некој нов начин да правење на нештата?
– Каде можам да направам трајна иновација, нов пристап во мене, во мојата личност, во начинот каква се појавувам во тој дел од мојот живот?

Време е да си дадете слобода и дозвола да започнете да „бидете“ креативни и да креирате по свесно и насочено да создавате вашата најголема креација – себеси.

Ирена Јакимова, Професионален обучувач за возрасни и тренер (coach), ментор за личен и професионален развој

Inspirit Coaching

Извор: zenskimagazin.mk