Колку пати сте ја слушнале оваа изрека?

Како ја разбирате? Што значи таа за вас?
Дали ќе се согласите дека времето и парите се важни ресурси во нашиот живот на оваа планета?

Често пати сум слушнала: „ако имаш пари, немаш време, а ако имаш време, немаш пари.“ Што мислите за ова? Дали ова, според вас, е вистина?

Или е само уште едно условување и насочување на нашиот мозок да размислува во структура на „или-или“, црно-бело… и постојано да не’ забрзува да не „губиме“ време, бидејќи така губиме пари? Можеме ли да имаме и време и пари? И колку ни треба?

Почнете од таму што ќе забележувате КОЛКУ време и пари имате сега.
Како ги користите?

Парите се неограничен, енергетски, обновлив ресурс и можеме повторно да ги создаваме, акумулираме, иако и ова е тешко за разбирање, бидејќи со децении сме учени, воспитувани, тренирани да размислуваме во ограниченост, црно-бело, има-нема, толку.

Времето е филозофски поим, но, исто така е ресурс што не се обновува и не можеме да го оставиме во наследство, за разлика од парите. Нели? Времето е уште поскапоцен ресурс од парите.

И едното и другото можеме да ги зголемиме експоненцијално, а, како?

За парите ќе пишувам повторно во друга прилика, а овде ќе се задржам на тоа како можеме со помош на пари да го умножиме времето. За потоа да ни создаде нови пари. Нема да зборувам за финансиска писменост, односно за сите можни начини како да ги вложиме или инвестираме некаде парите да работат пасивно за нас. Овде ќе напишам збор-два за две други методи на инвестирање: менторство и делегирање.

Сакале, не сакале, и двете се поврзани со личниот развој. И, пак, сакале, не сакале, полека учиме дека личниот развој е најбрзиот автопат до повеќе време. И пари, ако сакате.

Сите знаеме како да направиме пари со помош на употреба на време, нели?

Ајде да видиме и да слушнеме како можеме да „умножиме“ време со помош на пари?

(1)  Прво, ако одиме се’ сами да правиме во животот, да учиме се’ сами, да учиме на своите грешки, да го бараме решението, да ги испробуваме начините, да се справуваме со своите начини на размислување (за кои често и не сме свесни дека не се правилни и не не’ водат во насока на животот што го посакуваме), можеме да „потрошиме“ многу време додека дојдеме до вистинските резултати, до она што сме го замислиле, што имаме намера и визија да го оствариме. До она што го заслужуваме, што ни следува. Ова се однесува на секоја област, особено на професионалната.

Ако сме доволно умни да ангажираме ментори, тренери, луѓе што го изминале патот, вложиле време (и пари) во собирање знаења, поминале искуства (работејќи ја нашата работа или која било друга работа што носи преносливо искуство), ако ги слушаме, следиме и нивното знаење и водство го споиме со нашата желба, визија и способности – тогаш мултиплицираме месеци, години, децении. Вложуваме во квантен скок, заштедуваме време за побрзо да прескокнеме во понапредна верзија од себе и од нашата професионална спремност.

Дали имате ментори во вашата компанија? Од самата компанија или тренери од надвор? Дали ги прашувате, слушате, дали барате совет? Дали барате совет од луѓе што успеале во она што сакате да го постигнете? Ако имате сопствен бизнис, дали имате ментор (тренер)?

(2)  Вториот пат, начин на „умножување“ или создавање време е – делегирањето. Почнете да размислувате што е тоа што можете да го дадете да го завршат и други (било да е тоа во вашиот приватен или во вашиот професионален дел од животот). Ако одберете вистински луѓе, ако станете вие нивни ментори или им овозможите да стекнат знаења и вештини што ги немаат во моментот), ако доволно умно ги распоредите активностите, и ако се простите од вашата верна и блиска пријателка наречена контрола!, и ако се посветите на личниот (и професионален) развој на себе и на другите од тимот (домашен или на работа) – на добар пат сте да создавате повеќе време, а и пари. Со тоа помагате и на други да се развијат и/или да заработат.

Помислете уште денес – кој може ова (што и да е тоа) да го направи подобро или побрзо од мене? Колку сакам/можам да платам за јас да се посветам на нешто што носи повеќе приход и/или напредок? Што е она што е моја специјалност, каде што јас најдобро можам да дадам придонес?

Благодарам на ова време што го поминавте со мене. Се надевам ќе ви отвори некои врати што ќе ви овозможат да добиете илјадници пати повеќе време отколку читањето на колумнава. И  пари, колку што ќе си дозволите.

 

Ирена Јакимова, Професионален обучувач за возрасни и тренер (coach), ментор за личен и професионален развој

Inspirit Coaching

 


Извор: zenskimagazin.mk