Денес имам онлајн работилница на оваа тема, а до вчера попладне се мислев што да напишам за ппрвата колумна во септември… Која порака сакам да ја испратам? Каде можам да придонесам, сега, овој период, овде? Си реков, приквечер ќе седнам, ќе осетам убаво што сакам да пишам…вечер ќе ја прегледам уште еднаш, и готово!
Но, ха-ха, дали ви се случило работите да не ви излезат според планот,спореед замисленото? Дали ви се случило да се превртат нештата, да ве извадат од колосек, од план, да не биде така, да се отежнат работите, да се искомплицираат, дали ви се случил стрес? Верувам се смеете сега додека читате и си велите: „Ме прашуваш за непредвидливи ситуации, промени, потешкотии и стрес? Мора да се шегуваш? Па, тоа е секојдневие… Стрес е главен елемент од којшто сме составени…“ Дали е така? Ако е така, да видиме како опстојуваме, како траеме, како се исправаме, истегнуваме, враќаме во својата форма и покрај сиот тој стрес и непредвидливост на животот?
Да се вратам на мојата вчерашна авантура. Она што го мислев дека ќе биде приквечер, излезе цела една авантура. Излезе непредвидено дека јас треба да го носам синот на тренинг (што не само што не го имав планирано, туку го имав и сосема изумено како настан). Ајде, се спремивме брзо и си го зедов со мене лаптопот (си реков, супер, ќе седнам во некое кафуле на отворено и ќе си работам тој 1 час!).
По пат излезе дека од скоро е сменета локацијата на овој тренинг (а јас не сум знаела), па кружевме и вртевме, среќа на крајот на време паркиравме некаде за да стигнеме на кејот, каде што сега се држи овој тренинг. Кафуле нема на далечина.
Но, најдов клупа. Седнав, го отворив лаптопот (не ми треба интернет за пишување документи што ги имам) и во тој миг, кога ја погледнав глетката на зајдисонце зад Вардар, мирисот од паркот и реката, тивкото ветерче на лицето, релативната тишина поради широчината на просторот – си реков, вау, како не сум се сетила порано на вакво нешто убаво! Прекрасно чувство, прекрасно искуство…
Она што можеше да се претвори во стрес, нервоза, себесожалување или бес…јас избрав да го видам, осетам и доживеам како ново искуство. Ја избрав позитивната страна, избрав да ја гледам придобивката, избрав да работам и да го одмарам своето тело, на воздух, на клупа, до зеленило, покрај река и со преубав залез на сонцето…
Кога го отворив лаптопот, во папката со колумни и текстови, се појави еден стар напис за Резилиентност… И ми се склопија коцките. Па, за ова ќе пишуваш. Ќе пишуваш како да истрајуваме, како да се чуваме од стрес, како да го чуваме своето здравје, здравиот разум, доброто расположение и насоченост кон нашата цел, кон нашата визија.
Ако почнам да ви раскажувам, за оние што не ме знаат, ќе разберете дека ова е една од најмалите стресни случки што ми се случиле и ми го „изместиле“ планот… Но, ако ме прашате, како повторно се враќам на својата форма, на својата патека и како повторно сум радосна, љубопитна и благодарна…можам да споделам некои размислувања и лични искуства за тоа. Подесеноста на мојот ум да биде оптимист, да ја бара секогаш новата и позитивна насока, да верува дека може (ако не вака, тогаш онака), да најде начин да закрепне после секоја пречка…тоа се основите на мојата резилиентност.
Што е тоа психолошка резилиентност?
Се преведува како отпорност, издржливост, способност за враќање во форма после тешки периоди, брзо надминување и растење после неуспеси…
Најдете сила да продолжите.
Резилиентноста е нашата способност да се адаптираме и да се подигнеме повторно кога работите не одат според планираното. Резилиентните луѓе не се жалат или предаваат на неуспесите; тие ја признаваат ситуацијата, учат од своите грешки, а потоа продолжуваат понатаму.
Еве некои особини што им се заеднички на резилиентните луѓе (според Center for Learning Connections):
Имаат позитивна слика за иднината.
Одржуваат позитивна слика и предвидуваат посветли денови во иднина.
Имаат цврсти цели и желба да ги постигнат тие цели.
Тие се емпатични и сочувствителни, но, тие не губат време да се грижат за тоа што мислат другите за нив. Одржуваат здрави релации (односи, врски), но, не се потчинуваат на притисокот на нивното друштво.
Тие никогаш не се доживуваат себеси како жртви – своето време и енергија го насочуваат кон промена на работите врз коишто имаат контрола.
Како гледаме на тешкотиите и на стресот силно влијае на тоа како успеваме, и ова е една од најзначајните причини зошто имањето резилиентен начин на размислување (mindset) е толку важно!
Факт е дека одвреме навреме ќе паднеме или нема да успееме: неизбежен дел од животот е да правиме грешки и повремено да треснеме од земја. Да се биде резилиентен значи дека кога е тешко или нема да успееме, да умееме да се подигнеме повторно (да се вратиме како ластик), да имаме сила да ги научиме лекциите што треба да ги научиме и да можеме да продолжиме кон поголеми и подобри работи.
Резилиентноста (како вештина и особина) ни дава моќ да ги надминеме тешкотиите, за да можеме да го живееме животот што го сакаме.
Размислете каде сте по ова прашање?
Што правите добро, а што би можеле да промените?
Ирена Јакимова, Професионален обучувач за возрасни и тренер (coach), ментор за личен и професионален развој
Inspirit Coaching
Извор: zenskimagazin.mk