Деновиве, кај нас се актуелни Парламентарните избори. Влијаат на нашето секојдневие, но, и на нашата иднина.

Овде нема да зборуваме за тие аспекти. Овде сакам да ви обрнам внимание на поимот избор во нашиот секојдневен живот. Еве го, го чувствувам под прстите – изборот. Го бирам секој нареден збор, односно која буква ќе ја притиснам на тастатурава… И колку време ќе пишувам, и дали ќе станам да пијам вода, и дали ќе ми одлета вниманието, и во која насока ќе го одведам текстот и, со него, мојата порака до вас.

Ова се случува во секој миг од нашиот живот. Еве, и вие во овој миг правите избор. Сте избрале да го отворите овој текст, да ми доверите неколку минути од вашиот живот, наместо да правите нешто друго. Потоа, пак бирате: Да читам ли до крај? Или да свртам на Фејсбук да видам што има? Или да отворам мејл? Или да си фатам работа? Или да одам по вода? Да гледам низ прозорец?

Целиот наш живот се состои од милиони, милиони мигови кога сме избирале меѓу една, две, три… всушност – избираме меѓу бесконечен број опции и верзии на секвенци од нашиот живот (квантната физика вели, сите постојат одеднаш, наше е која ќе ја избереме).

Мојата намера е осветлување на моќната алатка што ја имаме во свои раце (би рекла уште попрецизно, во мозокот), а тоа е ИЗБОРОТ. И уште попрецизно – нашето усовршување на свесноста и вештината на избирање. Дали сме свесни, кога ги правиме нашите избори, како ги правиме, колкаво е нивното влијание на нашиот натамошен живот?

Свртете се сега малку кон себе и вашиот досегашен живот. Кои биле вашите големи избори? Од кои избори сте задоволни, а кои сметате дека можеле да бидат поинакви? Дали сте можеле да изберете поинаку. Можеби и не, бидејќи тогаш сте го направиле она што сте сметале дека е најдобро. Сега сте друга личност и можете да имате други гледишта и верувања, па, можеби сега би направиле друг избор. Но, сега околностите се сменети.

Понатаму, присетете се на секојдневните мали избори што ги правите: (кога и како да станам, како да се чувствувам кога ќе станам, како да реагирам на случувањата околу мене, што да облечам (особено тешко за нас жените, бидејќи најчесто немаме што да облечеме), кога и што да јадам, кога и што да читам на социјалните мрежи, со кого да работам, разговарам, живеам… бесконечно голем број избори. Што би добиле ако си зададете предизвик да почнете се набљудувате и да откриете како избирате. Што си кажувате, што гледате, што чувствувате кога избирате. Дали тргнувате од минатото или од иднината? Дали тргнувате од стравот или од вербата? Дали ве води улежаност или иновација, желба за ново и подобро, колку и да е тоа нешто мало? Дали долго време бирате или кратко, брзо? Дали, кога биарте, ја имате големата слика, вашата визија на животот пред вас? Дали верувате дека секогаш имате избор? И за ова прашање имате избор, можете да верувате и можете да не верувате. Тоа ќе влијае на вашиот живот и моќта да го управувате, да го бирате, а не само да ве носи реката.
Како што реков, постојано бираме. Можеме да сме свесни и вешти во тоа, а можеме и да не сме. Целиот наш живот се состои (е управуван) од одлуки и избори.

И кога не бирам, јас бирам. Бирам да не бирам. Можеби, друг да избере за мене? Или да го изберам чувството на немоќ, неодговорност, леснотијата и комоцијата на – жртва?

Оние што сакаат да одвојат време за оваа тема можат вечер да се приклучат на нашиот вебинар, од 20.30 часот. Оние што не можат да се приклучат, ги канам сега да направат кратка вежба со оваа фотографија (во мојата работа со клиенти често користам фототерапија). Разгледајте ја сликата најдолу, таа е од нашата колекција фотографии од методата Points of You. Што ви кажува оваа фотографија за вас? Како бирате? Што ве привлекува во сликата? Што не ви се допаѓа? Кој ја сликал оваа фотографија? Има ли мирис, вкус, звуци? Што би сакале наредно да изберете во вашиот живот или во вашата професија? Каде сакате тоа да ве однесе? Што ќе ви биде пресудно во тој избор, како ќе избирате? И, кога би можеле, дали би помислиле  – како избира и што би избрала личноста што сакам да станам?

Вебинар или вежба? Или двете?

Имате избор.

Заедно со Женски Магазин организираме отворен вебинар кој може бесплатно да го проследите на овој линк вечер во 20.30 часот. 

Ирена Јакимова, Професионален обучувач за возрасни и тренер (coach), ментор за личен и професионален развој

Inspirit Coaching

Извор: zenskimagazin.mk