Што подразбирате под поимот емоционален fitness? Што прво помислувате кога ќе ги спомнеме зборовите „емоции“ и англискиот збор „fitness”?

Како што практикуваме движење и вежбаме за да го одржиме телото во добра форма (на англиски fit), така за вас го плетам и гледањето на областа од одржување на вашата добра форма, подготвеност и во областа на емоциите… Зошто е тоа важно?

Можеби сум споменала и во повеќе претходни прилики – емоциите се нашиот внатрешен термостат, нешто што ни дава сигнали, ни укажува, не’ води кон одредена состојба. Емоциите многу влијаат на нашата општа состојба, а таа влијае на нашите резултати, на квалитетот на нашиот живот.

Тогаш, како да бидеме во добра форма, како да се грижиме за нашиот емоционален fitness, кондиција?

Емоциите и телото се меѓусебно поврзани. Како? Прво, на тој начин што она што го чувствуваме, најчесто го чувствуваме некаде во телото. И телото памети. Тагата, болката, радоста, возбудата, стравот…ги чувствуваме некаде во телото. Стресот го складираме во грбот и рамената, болката во пределот на градите… Така треба и да ги препознаваме емоциите. Првиот чекор во емоционалниот фитнес е – да ги препознаеме, точно која емоција е во прашање, каде ја чувствуваме. Понатаму, нареден чекор е да пробаме да дознаеме од каде доаѓа – дали е наша, изворна, од внатре, од нашите мисли, реакции, спомени… Дали е наметната од надвор? Како се создала? Што ја креирало таа емоција? Која мисла или верување дека нешто е вака или онака, нам ни ја донело таа емоција? Почнете да набљудувате.

Нареден чекор е да провериме дали таа емоција ни служи за наша добра состојба, односно да се чувствуваме добро, да сме способни да создаваме, да носиме добри одлуки, дали влијае позитивно и конструктивно на нашите наредни чекори (на пример: убави емоции коишто ни даваат сила, верба, моќ, нè носат во состојба кога носиме подобри одлуки, кога правиме избори посоодветни за нашиот напредок и развој, кога мислата ни е појасна и во склад со нашата природа и со нашите желби).

Трет чекор е како да ја смениме едната емоцијада помине во друга. Зошто? Затоа што ние можеме во еден момент да чувствуваме само една емоција (пробајте да бидете истовремено лути и среќни!). И затоа што претходно објаснивме дека е важно да сме со добри емоции што нè водат во добра општа состојба. Овде ви поставувам едно прашање, да ви биде како една вежба за бицепс, на пример: дали сте пробале да се чувствувате среќни или задоволни, без одредена причина или, пак, дозвола? Можете ли да пробате? Има ли некаде правилник, пропис или присила за да не се осетите радосно дури и кога сте во нешто што го обележуваме како тешка ситуација? Смееме ли да се осетиме радосни од внатре дури и тогаш? Без посебна причина. Само затоа што сме живи. Пробајте. Бесплатно е и никој нема да знае. Тоа е само ваше право и ваша внатрешна игра.

Четврто е да научиме како со телото да влијаеме на нашите емоции. Постојат голем број истражувања, студии и книги кои ова го потврдуваат. Нашето тело, нашиот нервен систем и сите други системи се меѓусебно поврзани. Нашите емоции и она како се чувствуваме влијае на состојбата на нашето тело (не само вежбањето и движењето), но, и нашето тело може да влијае на нашите емоции и на начинот како се чувствуваме. Пробајте секогаш кога седите да седите со исправен грб, пробајте да се протегнете пред да треба да донесете некоја одлука, пробајте да се исправите, да ги кренете рацете високо нагоре и така да стоите 1-2 минути пред да го започнете денот, важниот состанок, важната задача. Таканаречените „моќни пози“ ја забрзуваат циркулацијата, влијаат да се лачат повеќе хормони на задоволство, а тие праќаат сигнали до мозокот добро да се чувствува. Забележете ја разликата во вашите внатрешни чувства и резултатите.

Петто, тоа би била мојата порака дека имаме и право и моќ да бираме како се чувствуваме и да ги бираме нашите емоции. Тоа нè води кон носење подобри одлуки за нас, кон подобри резултати во животот, кон подобро здравје и внатрешен мир.

Целиот овој „емоционален фитнес“, секако, се учи, но, вреди да се посвети труд и време. Исто како и за редовното вежбање, со личен тренер или сами. Резултатите се магични.

Имате ли вечер 1 час и половина за оваа тема? 

Заедно со Женски Магазин организираме отворен вебинар кој може бесплатно да го проследите на овој линк вечер во 20.30 часот. 

Ирена Јакимова, Професионален обучувач за возрасни и тренер (coach), ментор за личен и професионален развој

Inspirit Coaching

 

Извор: zenskimagazin.mk