Колумнава ја пишувам на Денот на независноста.

Ќе се свртам кон две работи, според мене, важни за нашата земја, важни за секој поединец. Ќе се обидам да се поврземе со Македонија преку две теми.
Ако не се поврземе со нешто повеќе од извод од матично и лична карта на живеење, тогаш може и да не биде лесно да се поврземе воопшто. Да се поврземе со поимот независност, прво. На крајот, ќе се поврземе со уште еден поим. Па, да видиме како ќе ни оди…

Пред да зборуваме за независност, сакам да свртам внимание на тоа дека сите ние сме меѓузависни. Зависиме едни од други. И не само во земјата каде што живееме, туку и со земјата на којашто живееме, како почва и како воздух, како вода и како рудни и други богатства што ги дава. Колку сме свесни за оваа меѓузависност?

Понатаму, меѓузависни сме како луѓе.

Однесувањето на едни влијае на животите на други. Многу повеќе меѓу нас овде што сме, а секако и со сите луѓе од светот, со човештвото (зарем не ни е годинава добар пример?). Дрвото што го посадиле едни, влијае на животот на други, политичките одлуки на едни, влијаат на животот на други, зборот што го пишале едни (убав или клетва) влијае на расположението на други. Ѓубрето што го расфрлиле едни, влијае на животите на други. Данокот што (не) го платиле едни, влијае врз животите на други. Бесното возење, со бучава и невнимание на едни, влијае врз животите на други. Заедничките ресурси што ги украле едни, одземаат од животите на други. Доматот што го посадиле едни, има место во животите на други… Да не набројувам до утре. Размислете и пишете си како сме меѓузависни. Како сме дел од една целина, небаре е суштество. И планетата Земја, и Македонија, како држава или заедница.

Понатаму, да прашам за независноста?

Дали државата е независна, може да биде тема на друг текст, за друго место, но, овде ќе ве прашам за поединечната, личната (не)зависност на секој од нас?
На тебе, на мене, нејзината, неговата?
Од што зависите?
Кој ги „држи и влече“ конците на вашиот живот?
Навики? Стари верувања? Семејството? Родителите? Сопружникот? Партијата?

Туѓото мислење?
Колку сте независни од туѓото мислење, од туѓата оценка на вашите постапки, на вашите одлуки, на вашата личност? Колку сте независни од барање и примање пофалби и одобрување? Колку сте независни од критики? (тука не зборувам за корисни, повратни информации). Колку сте независни од своите мисли и верувате дека сите се вистинити и исправни?   

Ве канам и предизвикувам да седнете и да напишете од што сте зависни, зошто е тоа така и на кој од тие одговори (области, ситуации) би можеле да имате влијание. Наредното нешто што ќе ве поканам е да си напишете во која област, во кој дел од вашиот живот (работа) би можеле да станете помалку зависни или сосема независни.

Дали тоа навистина го сакате? Ако не, што е скриената придобивка на вашата зависност? Што добивате со тоа што сте зависни од тоа што го забележавте? И, конечно, што можете да почнете да преземате за да станете независни и во таа област (дел), ако сакате?

И, како што би рекле на ТВ:
„Но, тоа не е сè!“

Доколку го дочитавте овој текст и си ги напишавте, за себе, сите погоре наведени прашања и нивните можни одговори, според вашата сегашна состојба, имате бонус прашање:
„Што и како треба да се однесувате доколку би биле зависни од НАДЕЖТА?“

Каков е тој живот во којшто зависам од надежта, од вербата дека може и ќе направам да биде подобро, дека ќе се обидам уште еднаш, и уште еднаш, и уште еднаш…да верувам, да пробам, да подобрам, да сменам, да успеам. Да успееме?

Македонија, со ваков идентитет, како 29-годишна убава, умна и добродушна девојка, којашто премногу од својата судбина стави во рацете на неискрени, нечесни и неспособни луѓе, несвесна за својата убавина, за своето внатрешно богатство, за својата вредност и капацитети, сè уште дише и цвета во својата природна убавина, сè уште раѓа или храни луѓе што можат, умеат, знаат и смеат… Таа нема каде да оди во својата географска поставеност, но, ние со нашиот ум можеме каде сакаме да одиме, имаме избор да веруваме од што ќе зависиме, и поединечно и заедно со неа.

Да почнеме со зајакнување на нашето зависење од надежта, за да стануваме сè понезависни во нашата меѓузависност.

Ирена Јакимова, Професионален обучувач за возрасни и тренер (coach), ментор за личен и професионален развој

Inspirit Coaching


Извор: zenskimagazin.mk