Irena Jakimova

Интервју со Ирена Јакимова – основач на Инспирит Коучинг

Самото име Инспирит Коучинг асоцира на поврзаноста со духот, со енергијата на секој човек и секој тим. Инспиративно име за една инспиративна професија. Како дојде до основањето на Инспирит Коучинг?

Фирмата Инспирит Коучинг се роди кога беше подготвена, дури и името сама си го најде… Јас тргнав со друго име што асоцира на инспирација, зашто сметав дека од таму почнува надградбата, развојот, зборот потекнува од латинскиот збор за дишење. Со здивот вдишуваме живот…. Но, во процесот на регистрација на фирмата, дојде до мене овој глагол “to inspirit” којшто значи да внесеш дух, енергија, живот… Тоа е и нашата мисија – го будиме духот (индивидуален или групен) преку отворање нови погледи, нови увиди, нови чувства, нови знаења, вештини и методи за напредување, на личен и на организациски (тимски) план.  И сето ова, како пат кон подобар живот.

Нудите различни коучинг и тренинг програми, како за поединци така и за цели компании. Дали имате клиенти кои бараат конкретна обука или вие сте тие што ги препознавате нивните потреби и им посочувате одредна програма?

Има и такви и такви случаи. Некои клиенти сами се јавуваат за одредена обука (за себе, за еден или за неколку вработени, или, пак бараат понуда за поголема група луѓе – тим или цела компанија). Во некои случаи правиме пакети откако ќе дознаеме кои им се потребите, што им е најважно да постигнат – кои промени, каков напредок и за какви резултати.

Со оглед на тоа дека сме мал пазар, каква е заинтесираноста за ваков тип на бизнис едукација и личен развој?

Ова Ви е одлично и многу важно прашање. Со оглед на тоа дека сме мал пазар, забележувам голема заинтересираност и зголемена побарувачка и посета. И кај нас, и кај други центри и тренери, веројатно. Сепак, и тоа може да расте, бидејќи има многу потенцијал за развој, пазарот е “гладен“. Се’ уште има компании кои не издвојуваат ресурси (време и пари) за едукација и развој на вработените, како и за создавање компаниска култура, компаниски дух. Денешните модерни времиња бараат од компаниите да се посветат на доизградба на вработените, бидејќи не се учи се’ на факултет, а најмалку се учи како да работиме со луѓе. Исто така, и покрај големата невработеност, компаниите и организациите тешко наоѓаат квалитетни вработени. Токму поради ова, тие треба да градат програми за мотивација, развој и споделување на заедничката визија. Што мислите, ако направиме една голема анкета – колкав процент од вработените ја знаат, делат и чувствуваат мисијата и визијата на својата компанија? Дали знаат зошто се таму, кон што придонесуваат и каде одат? И дали и како оди рака под рака со нивните вредности и визија за животот? Во голем дел, и од ова ни зависи какво општество ќе бидеме.

Points of You

Низ нашиот разговор стекнав впечаток дека работите со многу различни дејности, индустрии, видови организации. Како успевате да ги совладате сите тие знаења за нивното функционирање, природата на дејноста?

Ова е, исто така, едно многу убаво прашање. Зошто? Од две причини: прво мене лично тоа ми претставува задоволство, возбуда, исполнетост, кога гледам успеси што ги остваруваат моите клиенти во разни области (индустрии, дејности, професии). И така јас имам чувство дека се мултиплицирам. Второ, ова е убаво место да нагласиме дека нејчесто нема потреба да ја познаваме дејноста, областа во којашто работат нашите клиенти, нивните детални процеси на работа и содржината, бидејќи коучот не навлегува во содржината. Коучот или обучувачот ги менува внатрешните процеси на размислување, емоционалните состојби и ставови, развива вештини кај клиентот, а потоа клиентот ги применува во својата професија, на своето работно место или во приватниот живот. Во некои случаи, за некои професии имка специфичности, и ние ги почитуваме и земаме предвид во работата.

Дали Инспирит Коучинг ги нуди своите услуги и надвор од Македонија и како се истите прифатени?

Јас лично, за некои наши странски клиенти, сум патувала во странство и таму сум држела обуки и коучинг за менаџерски тимови. Ние имаме врвни методологии и обучени тренери и во Македонија, сосема рамо до рамо со светот. Тоа сум го почувствувала и потврдила кога лично сум учествувала на обуки дома и во странство, а каде што сум сретнала тренери, обучувачи и консултанти од целиот свет. И во регионот веќе разговараме за соработка и наше присуство.

Irena Jakimova

Од неодамна внесовте нова методологија за тренинг и развој – Points of You. За што точно станува збор?

Во нашата работа, за да дадеме врвен придонес, ние комбинираме знаења од применета психологија, личен развој, со бизнис/организациски знаења и вештини…
Points of You е успешна израелска компанија (основана во 2006 година) којашто работи на развивање креативни алатки и методи за поддршка во процесите на личен и организациски развој. Тие го нашле своето место во широкиот спектар развојни методи, како што се индивидуален и тимски коучинг, тренинг (обуки) за лични и бизнис вештини, тераписки процеси, едукација, советување, развивање креативност, иноваторство, стратешко планирање и слично.

Работата со Points of You-алатките им помага на луѓето да се отворат за нови перспективи и да размислуваат надвор од своите вообичаени гледишта. Можат да се користите индивидуално, во парови или во група. Целта на работата со алатките е да го разбудиме разбирањето на одредена ситуација или проблем, да ги согледаме од што повеќе различни перспективи, да стекнеме нов увид, а на крај да се фокусираме и да смислиме соодветен акциски план.

Бидејќи работат на длабоко психолошко и човечко ниво, картичките и приказните се универзални, широки и речиси магични!

Points of You

Јас ги користам веќе две години, со голем успех, разновидна примена и лична воодушевеност. Во ноември ја обучивме првата група сертифицирани корисници, и тие веќе пријавуваат успешна примена или нови начини на примена. Веќе половина група е оформена и за декември. Пријавите се во тек. Македонија и професионалците во неа се гладни за иновативни пристапи и развој. Среќна сум ако можеме тоа да го поддржиме.

Каде, според вас, има најмногу простор за работа? На кое поле на личен и професионален развој треба најмногу да се работи и што е најбарано од страна на клиентите?

Се бара самодовербата, дозвола дека можам, дека смеам, дека ме бива. Тоа е како еден чадор над сите други потреби. Понатаму, вештината на добрата комуникација (не многу се знаат тие вештини, распространето е сфаќањето дека ако знаеме да зборуваме, знаеме и да комуницираме). Лидерските вештини, од кои најмногу мотивација и развој на припадници на тимот, делегирање, визија… Кај лидерските вештини би спомнала дека најмногу е потребна работата на себе-спознавање, на откривање на слабите точки и местата за развој. Тука почнува развојот, лидерството…

Што, според вас, е најважно за еден поединец  да ги постигне и да ги одржува потребните вештини за успех во животот?

Ми се чини дека најважно е прво да детектира КОИ се тие вештини и ЗА ШТО се потребни. Кој е тој успех што поединецот сака да го постигне, каде, со кого, во рамките на која дејност (организација), ако веќе зборуваме за професионален успех. ШТО е најважно на поединецот во животот? Без што не може, од што не би се откажал/а, за што се залага? Тоа е она што го нарекуваме вредности. Потоа, каква личност сака да стане, да биде? Од таму ќе може секој да тргне со вештините и ќе знае кои се потребни. Каде што треба помош, насока и поддршка – тука се вклучуваме ние, компаниите и професионалците за едукација и личен тренинг. Затоа постоиме. Да им се најдеме на луѓето да ги активираат своите максимални потенцијали. За да живеат поубав живот.

Извор: makedonija.womeninadria.com