Ирена Јакимова е основач и сопственик на компанијата Inspirit Coaching која се занимава со советодавни услуги за поединци кои сакаат да го подобрат својот професионален и деловен капацитет. Разговаравме за потенијалот кој го поседува секој поединец и можностите истиот да го претвори во деловен и професионален успех!

Ирена, се знаеме одамна, долго време се договараме за овој разговор, и се’ некако одложувавме, бевме презафатени да седнеме и конкретно да поразговараме. Чувствуваме дека  сега е клучно време за овој разговор.  За нашите читатели, можеш ли да ни кажеш неколку реченици за твојата работа со Инспирит Коучинг?

Верица, благодарам за оваа прекрасна  можност, да поразговараме и да пренесеме некои пораки на надеж и инспирација во времиња кога голем дел од вниманието на луѓето е зафатено со грижи. Изгледа дека ова е вистинското време за поголема свесност за иновација, иако, така може да се каже за секое време. Јас и мојата фирма се занимаваме со трансформација на потенцијалот на луѓето и го претвораме во резултати. Клиентите или доаѓаат сами, како индивидуални лица, или преку компанија што не’ ангажирала. Преку водечки светски методи ги менуваме начините на размислување, ги прескокнуваме заедно сите невидливи пречки што им стојат на патот до посакуваната промена, до успехот и личната (или компаниска) реализација. Тоа го работиме преку разни курсеви, програми во група, или, пак, индивидуално, 1 со 1.

Порано имавме многу обуки и такви работилници во живо, па и на други локации. Од оваа пролет, речиси сите се онлајн. Водам групи онлајн, а работам и индивидуално со клиенти, онлајн.

Нашиот пазар не е лесен, тој допрва (ќе) се развива. Не само што имаме малку жители, туку и свеста за потребата и ефектите од ваквата работа, не се на доволно ниво. Дури откако ќе дојдат на групните обуки (или работилници) или ќе се сретнеме во компанија што не’ ангажирала, луѓето велат „Ах!“ и се воодушевени од она што ќе научат и ќе применат. 

Многу често ги забележуваме активностите што ги правите на кои се гледа работа со фотографии. Кажете ни за каква метода станува збор?

Во текот на моето лично искуство како професинален обучувач, коуч, ментор и фасилитатор, од морето алатки и методологии што ни се на располагање, правев комбинација од повеќе пристапи низ годините наназад. Она што го најдов и го добивам со методологијата и алатките Points of You, ги надмина сите мои очекувања. Сум сведочела на позитивни реакции и процеси и кај многу аналитични умови, и кај скептици, и кај средношколци и кај возрасни, сериозни и конзервативни луѓе, и во корпорации, државни институции, невладини организации… Учесниците на работилниците доаѓале до нови идеи, одлуки и увиди, ја пронаоѓале длабоката смисла, поврзаност и сатисфакција од својата работа, од тимот на којшто му припаѓаат, започнувале да зборуваат за себе и меѓу себе…

POINTS OF YOU се  сетови од картички со фотографии или зборови, комбинирани со музика, книги со приказни за story-telling и работа со метафори. Секоја од фотографиите е внимателно продуцирана и доловува теми од секојдневниот живот или изрази на лица. Таквиот квалитет на сликите овозможува да предизвикаат одредени реакции  кои клиентот тешко сам би ги искажал со зборови, со што  фотографијата добива магична моќ. Оваа исклучително иновативна методологија е развиена во Израел и се применува насекаде низ светот. Јас ја применувам од 2016 година и сум сертифициран експерт тренер, а веќе ја пренесов на повеќе од 60 професионални лица од кај нас за да ја користат во својата работа, уште од 2018 год.  Ова лето, кај нас обучив уште 12 практичарки што ќе ја шират натаму оваа методологија и ќе обучуваат и други да го применуваат овој иновативен пристап и материјали. Замислете што би можеле да направиме ако би биле прифатени во училиштата?

Што е за тебе иновативност? Колку си била иновативна до сега? Колку е иновативна твојата работа, покрај оваа феноменална методологија за којашто ни објасни?

Се сеќавам, порано мислев дека иновативност е да измислиш нов производ, да бидеш инженер, научник (професор Балтазар од цртаните филмови), но, сфаќам дека и многу луѓе се’ уште го учат значењето на тој збор и што подразбира, што носи… Зборот потекнува од латинскиот збор innovare и значи да се обнови, што повторно потекнува од нов, ново.

Но, значи многу повеќе. Jас вака гледам на тоа: живеејќи во природа, во Универзум којшто постојано се менува, „иновира“ и никогаш не е ист (!), менувањето, односно иновацијата е начин да преживееме.

Како можат нашите фирми или претприемачи да бидат иновативни во ова тешко време?

Не е лесно, притисокот е голем, како на финансиски план или во делот на можности за реализација (испорака на производот или услугата), така и во областа на нашиот ум, бидејќи има голема бучава. Од секаде пристигаат различни и огромен број информации, разочарување за неисполнети планови, разочарување од несовесни и невнимателни сограѓани… Секогаш имаме избор – дали ќе се препуштиме на ситуацијата, на околината, дали ќе се жалиме или нешто ќе менуваме. Дали ќе иновираме? Дали ќе правиме нешто поинаку? Можеме да ги смениме начините на работа, можеме да смениме за кои клиенти (пазари) служиме, можеме да го смениме нашиот производ или услуга (или начинот на достапност)… Конечно, можеме да почнеме да се менуваме, иновираме себеси.

This image has an empty alt attribute; its file name is August-6-1-1024x729.jpg

Некоја порака за крај?

Светот се ресетира и се обидува да се извлече од пајажината во којашто се заплетка. Голем дел од светот оди напред (или веќе беше отиден уште пред да започне оваа здравствена криза со вирусот). Мојата порака е да се отвориме и да иновираме. Да бараме, да нудиме и да прифаќаме нови начини на работење, на заработка, на лична реализација, на опстојување на компаниите, нови начини на постоење. Тоа започнува од најтешкиот, а најефикасниот процес – иновација во начинот на размислување и доживување на светот. Дали се доживуваме немоќни и како жртви на другите (кадешто оди и вината) или се доживуваме како способни суштества со ресурси во самите нас.

Тоа е мојата порака: во секој момент имаме можност и слобода да менуваме нешто кај нас. Можеме да престанеме нешто да правиме, можеме да почнеме нешто ново да правиме или на поинаков начин, можеме многу нови работи да научиме, дури сега е подостапно. Потребна е само внатрешна волја и да си дадеме дозвола.

 

 


Разговараше – Верица Јорданова

Извор: inovativnost.mk/