ЕДНА СЛИКА, 1000 ЗБОРОВИ

Автор: Ирена Јакимова - професионален обучувач, ментор,
фасилитатор, executive coach, Сертифициран тренер за Points of You™
Извор: Е-весник на МАЧР - „Човечки капитал“ бр.10

Низ моето лично искуство како професинален обучувач, коуч, ментор и фасилитатор, од морето алатки и методологии што ни се на располагање за работа со луѓе, за работа со тимови, за работа со поединци, за работа со себе… во изминатите години правев комбинација од повеќе методи и пристапи… Зошто она што го најдов и го добивам со методологијата и алатките Points of You™, ги надмина сите мои очекувања , а и на професионалците што се обучија да ги користат?

Сум сведочела на позитивни реакции и процеси и кај многу аналитични умови, и кај скептици, и кај средношколци и кај возрасни, сериозни и конзервативни луѓе, и во корпорации, државни институции, невладини организации… Учесниците на работилниците/обуките/ сесиите доаѓале до нови идеи, одлуки и увиди, ја пронаоѓале длабоката смисла, поврзаност и сатисфакција од својата работа, од тимот на којшто му припаѓаат, започнувале да зборуваат за себе, меѓу себе…

Од каде, тогаш, доаѓа магијата во овие картички?      

Еве, како ја објаснува психологијата:

POINTS OF YOU™ се  сетови од картички со фотографии или зборови, комбинирани со музика, книги со приказни (story-telling) и работа со метафори. Секоја од фотографиите е внимателно продуцирана и доловува тема од секојдневниот живот или израз на лице. Таквиот квалитет на сликите овозможува тие да предизвикаат одредени реакции  кои клиентот тешко сам би ги искажал со зборови, со што фотографијата добива магична моќ.

Зошто? Секоја промена започнува токму тогаш кога личноста е подготвена да погледне на можноста и на работите од поинаква перспектива (point of view). Свесноста и целосната присутност на поединецот, овде и сега, се првиот чекор во поместувањето на постоечката перспектива, а со тоа и на ефектот кон личен, професионален и/или организациски развој. 

Клучната основа на Points of You™ методологијата е асоцијативна игра со картичките кои треба да обезбедат интеграција или поврзување на двете хемисфери на мозокот: левата хемисфера (задолжена за анализа) и десна хемисфера на мозокот (задолжена за креативност, интуиција и емоции). Како резултат на симултана стимулација на двете хемисфери и интеграцијата на емоциите и разумот, доаѓа до краток спој-синергија со која накратко се премостуваат одбранбените механизми во нашата свест. Со моментот на несвесна збунетост кај клиентот, со соодветни насоки се исклучуваат внатрешните контролни програми и строги правила на вообичаен начин на размислување („како би требало да биде“), со што клиентот се отвора за истражување нови, поинакви можности и препознавање опции што во секојдневната рутина не би ги земал предвид.

“Со интеграцијата на сликата и зборот истовремено влијаеме на двете страни на  мозокот. Симултаната стимулација создава посебен феномен: Нашите рационални и интуитивни реакции работат заедно, соединувајќи се, создаваат комплетно нови асоцијации.”

(Watraud Kirschke (1999) Secrets of the Peeling)


Одредени одговори за она што се случува во организмот за време на процесот, безбедува и невронауката (Neuroscience), особено за она што ја прави толку важна паузата за стекнувањето нови увиди, а којашто е дел од процесот на работа со Points of You™. Сознанијата до кои дошла Ewa Hartman, PhD (2015), професор и тренер за работа со Points of You™, укажуваат дека, од невро-научна гледна точка, одредени мисловни процеси може да се завршат само кога ние самите сме прибрани, сосредоточени на себе. Човечкиот мозок може да се оптовари од преголем опсег на информации и да не може да ги поврзе елементите во нова целина, односно увид. Токму затоа, во работилниците со Points of You се започнува со (музичка) Пауза.

Музиката придонесува за момент да се исклучиме себеси од морето мисли и идеи, го намалува нивото на стрес хормонот кортизол и му овозможува да умот се организира на поинаков начин. Прочистувањето на умот на овој начин создава простор за нови информации, што доаѓаат заедно со првата картичка. Без да се “расчисти” нашиот ум, вниманието останува расфрлано, и нашиот ум самиот не знае од каде да започне. Зголемените нивоа на кортизол го нарушуваат креативното размислување, што го отежнува иновативното размислување (Thinking out of the box). Без пауза, перцепцијата на она што се случува со картичките може да биде површна и минлива и не е многу задоволителна за учесниците во процесот. Според Hartman (2015) овие елементи се од фундаментално значење кога станува збор за напредните когнитивни процеси (стекнување подлабок увид и нова перспектива за проблемот на кој работиме).

Понатаму, таа вели: „Картичка, слика, збор, прашање…стимулација во контекст на одредена тема. Нашиот ум организира сè, ги подредува елементите на полиците и работи во шема позната само за себе толку долго додека не добие нова, интересна содржина која ги менува аранжманите во својот каталог. Без нови перспективи, постојано се вртиме во круг.  Сакаме различни резултати, но на крајот ги повторуваме истите акции што отсекогаш сме ги преземале.          
Со помош на картичките откриваме нови перспективи, создаваме нови и
нови невролошки патеки. Проширувањето на перспективите буквално го зајакнува нашиот ум и го одложува процесот на стареење. Колку повеќе перспективи, толку повеќе нови нервни патишта (синапси) во мозокот, полесно се забележуваат можностите, подобро се справуваме со промени, подобро комуницираме и ги менуваме убедувањата (beliefs) кои повеќе не ни служат.

Работата со картичките го оптимизира нашето интуитивно размислување. Според невронауката, нашата интуиција е складиште на нашите досегашни искуства, во комбинација со емоции. Интуицијата започнува кога треба да донесеме некаква одлука и веднаш започнуваме да работиме независно од нашата волја. Концентрирањето на картичките не само што ни овозможува да го смириме забрефтаниот ум, туку ни овозможува и да ги видиме и слушнеме сигналите што доаѓаат од нашата интуиција.

Преку слика или збор, ние си обезбедуваме нови стимули што го насочуваат нашето внимание кон различни места. Благодарение на тоа, наместо да го слушаме истото што секогаш го слушаме од нашата интуиција во слични ситуации, можеме да слушнеме нешто ново.

Работата со картичките овозможува полесно да комуницираме. Кога комуницираме преку слики, ги споделуваме информациите на друг начин. Ги заобиколуваме одбранбените механизми на умот кои директно го придружуваат нашиот вербален говор. Дури и најдобриот фидбек може да се земе како напад, примателот сака да се одбрани од потенцијалните непријатности што доаѓаат и се врти кон борба, спротивставување или предавање. Оваа состојба ја ослабува взаемната комуникација, ја нарушува меморијата и го отежнува извлекувањето заклучоци, па тогаш можеме да заборавиме на взаемното разбирање. 

Ако резимираме: низ работата со Points of You™ се зајакнува невропластичноста на човековиот мозок, преку што се обезбедува модерна алатка за себеси и на другите да им овозможиме поголем избор и поддршка во процесот на раст и развој.