„Јас не сум креативна“.
„Како да иновирам, јас немам ниту производ, ниту производство?“
И јас едно време ја врзував креативноста со уметност, со изработка, а иновативноста со професор Балтазар од цртаните филмови или со научници, инжењери…
Она што можам да го заклучам од моето големо искуство и од работата со трансформацијата на поединци или компании е дека голем број луѓе не ја увидуваат својата креативност и не се пронаоѓаат во можностите за иновативност. Рамката во којашто ги ставаат овие зборови, ги ограничува во нивната примена.
Што се случува ако ја рашириме рамката?
Да почнеме со коренот на зборот КРЕАЦИЈА, КРЕИРА, КРЕАТИВНОСТ, ако тоа нешто ви значи, ако нешто ви помогне. Потекнува од латинскиот збор creatus (којшто значи да создаде, произведе, да причини нешто) и е поврзан со зборот crescere (да се роди, да израсне, да расне нешто).
Земете пенкало и хартија и запишете што се’ сте креирале, создале, израснале до сега? Имате ли толкава тетратка што може да ги прими сите ваши дела, креации, се’ што сте создале – од збор, однос, производ, оброк, облека, услуга, дете, фирма, зграда, слика, накит, растение, извештај, писмо, дом…? Дополнете…
Набројувајте, пишувајте, пишувајте, пишувајте… и потоа да се видиме и да поразговараме дали не сте креативни?
Се’ што умеете да создадете, особено ако тоа го правите и на нови, поинакви начини, и се’ што вам или некому користи, некому решава проблем или му го подобрува животот – сето тоа може да биде креација и вие слободно можете да си го ставите беџот КРЕАТИВНА.
И се’ што можете да промените да се прави на поинаков начин, да има поинаква форма, процес, локација, насока, примена, да има усовршување, барем мало унапредување (или олеснување) – сето тоа може да биде иновација.
И, ако ве поканам да ја раширите оваа ваша „супер моќ“ и пошироко, заедно со природата, од којашто можеме само да црпиме инспирација и поддршка – дали сте подготвени да покажете креативност во начинот како се креирате себеси како личност? Дали смеам да ве поканам да почнете да бидете иновативни во начинот како го живеете својот живот? Дали можам да ве поканам да бидете креативни во зборовите што ги користите, наместо АМА, да пробате со АЈДЕ?
Што ве спречува, а што ви треба за да си „дадете дозвола“ за креативност?
И за секоја друга особина што не си ја признавате, не си ја дозволувате?
Почнете со пишување контра-аргументи.
Каде СУМ креативна?
Како СУМ креативна?
Понатаму, за да имате мотивација да ја „дозволите“ кај себе креативноста, пишете одговори и на следниве прашања:
· За што ми е потребна креативноста?
· Која ми е крајната цел, што ќе ми донесе креативноста во животот?
· Во која област од животот, поточно и првенствено?
· И, како ќе се чувствувате кога ќе ја осетите и пуштите од ланец вашата креативност?
Пишувајте.
По некое време, продолжете со следниве прашања:
– Каква личност сакам да креирам од себе?
– Што сакам да креирам од својот живот?
– Каде можам најбрзо да направам некој нов начин да правење на нештата?
– Каде можам да направам трајна иновација, нов пристап во мене, во мојата личност, во начинот каква се појавувам во тој дел од мојот живот?
Време е да си дадете слобода и дозвола да започнете да „бидете“ креативни и да креирате по свесно и насочено да создавате вашата најголема креација – себеси.
Ирена Јакимова, Професионален обучувач за возрасни и тренер (coach), ментор за личен и професионален развој
Inspirit Coaching
Извор: zenskimagazin.mk