Ако ве прашам да пополните тест, прашалник или најобичен попис на областите во вашиот живот каде што чувствувате дека е празно или дека не се движи, или дека споро се движи, или дека се движи, па застанува… што би напишале? Во која област од животот посакувате да имате повеќе, да бидете повеќе?
Дали тоа е љубов, пари, дружење, здравје, професионален напредок, хоби? Запишете каде сакате да имате повеќе, запишете што значи тоа „повеќе“ лично за вас (сите имаме различни потреби, очекувања и мерила за она што го посакуваме), запишете како ќе изгледа кога ќе го имате тоа ваше „повеќе“, како ќе се чувствувате, што ќе гледате, слушате, што ќе видат другите кај вас?
Ако убаво запишавте се’ ова, сега ќе ве прашам ново прашање. Во ова прашање лежи магичната моќ на почетокот на сите ваши остварувања. Прашањето е следново: Имате ли каде сето тоа да го ставите? Колкав ви е капацитетот за примање? Дали умеете, или уште попрецизно, дали дозволувате да примате?
Како што созреваме во нашиот живот, особено ние жените, се’ полесно ни е да даваме или ние да правиме се’. Така, на некој чудно наметнат начин на современиот живот, ние си докажуваме дека сме „супер-жени“, за тоа се храбриме, се восхитуваме и си честитаме. Колку повеќе правиме се’ сами, толку повеќе се чувствуваме хероини и очекуваме дека ќе добиеме – пофалба, признание, восхит, внимание, време, љубов? Така мислиме дека ги „заслужуваме“ напредувањето, љубовта, вниманието, постоењето?
И колку повеќе даваме и чекаме, може да се случува и се’ помалку да добиваме… Дали би се нашле во овој опис, во некои делови од вашиот живот? И не само за жените, ова важи и за мажите, за сите луѓе. Колку сме научени и дозволуваме да примаме?
Подолу се конкретни тест-прашања што можат да ви помогнат да почнете промена во оваа област:
– Како реагирате на комплимент?
– Како одговарате кога ќе ви дадат подарок?
– Дали барате и дозволувате помош?
– Дали дозволувате да ве почестат?
– Дали дозволувате некој да се погрижи за вас?
– Дали дозволувате да имате време само за себе?
– Дали дозволувате вашето тело да прими нега, одмор, уживање?
– Дали дозволувате да примите совет?
– Дали дозволувате да примите нова мисла, нова идеја, нова навика?
– Дали дозволувате да бидете видени?
– Дали дозволувате да бидете сакани?
Прочитајте ги убаво овие прашања и обидете се да го најдете местото (областа) во вашиот живот каде што сте го затвориле каналот, прозорецот за примање. Потоа помислете како би било кога би пробале да почнете да пуштате по малку да примате (помош, внимание, ситен подарок, идеја, совет, друг начин – вие одредете). Исчистете го и овој влез како што сакате домот да ви е чист и набљудувајте што ќе се случува. Ќе почнат полека да доаѓаат работите во вашиот живот и во другите области.
Но, енергијата на животот сака да кружи, да се движи… Животот бара да има влез, излез, ширење, собирање, да пулсира… Не значи дека е точно и правилно ако сме биле научени дека само давањето е добро. Како што земјината топка ја прима енергијата на сонцето, како што почвата ја прима водата – за да може да даде, така и вие, почнете да вежбате или да јакнете ПРИМАЊЕ, за да може животот да ви го испорача она што го сакате. За да можете и повеќе да дадете.
Ирена Јакимова, Професионален обучувач за возрасни и тренер (coach), ментор за личен и професионален развој
Inspirit Coaching
Извор: zenskimagazin.mk