ЕДНА СЛИКА, 1000 ЗБОРОВИ

ЕДНА СЛИКА, 1000 ЗБОРОВИ

Автор: Ирена Јакимова - професионален обучувач, ментор,
фасилитатор, executive coach, Сертифициран тренер за Points of You™
Извор: Е-весник на МАЧР - „Човечки капитал“ бр.10

Низ моето лично искуство како професинален обучувач, коуч, ментор и фасилитатор, од морето алатки и методологии што ни се на располагање за работа со луѓе, за работа со тимови, за работа со поединци, за работа со себе… во изминатите години правев комбинација од повеќе методи и пристапи… Зошто она што го најдов и го добивам со методологијата и алатките Points of You™, ги надмина сите мои очекувања , а и на професионалците што се обучија да ги користат?

Сум сведочела на позитивни реакции и процеси и кај многу аналитични умови, и кај скептици, и кај средношколци и кај возрасни, сериозни и конзервативни луѓе, и во корпорации, државни институции, невладини организации… Учесниците на работилниците/обуките/ сесиите доаѓале до нови идеи, одлуки и увиди, ја пронаоѓале длабоката смисла, поврзаност и сатисфакција од својата работа, од тимот на којшто му припаѓаат, започнувале да зборуваат за себе, меѓу себе…

Од каде, тогаш, доаѓа магијата во овие картички?      

Еве, како ја објаснува психологијата:

POINTS OF YOU™ се  сетови од картички со фотографии или зборови, комбинирани со музика, книги со приказни (story-telling) и работа со метафори. Секоја од фотографиите е внимателно продуцирана и доловува тема од секојдневниот живот или израз на лице. Таквиот квалитет на сликите овозможува тие да предизвикаат одредени реакции  кои клиентот тешко сам би ги искажал со зборови, со што фотографијата добива магична моќ.

Зошто? Секоја промена започнува токму тогаш кога личноста е подготвена да погледне на можноста и на работите од поинаква перспектива (point of view). Свесноста и целосната присутност на поединецот, овде и сега, се првиот чекор во поместувањето на постоечката перспектива, а со тоа и на ефектот кон личен, професионален и/или организациски развој. 

Клучната основа на Points of You™ методологијата е асоцијативна игра со картичките кои треба да обезбедат интеграција или поврзување на двете хемисфери на мозокот: левата хемисфера (задолжена за анализа) и десна хемисфера на мозокот (задолжена за креативност, интуиција и емоции). Како резултат на симултана стимулација на двете хемисфери и интеграцијата на емоциите и разумот, доаѓа до краток спој-синергија со која накратко се премостуваат одбранбените механизми во нашата свест. Со моментот на несвесна збунетост кај клиентот, со соодветни насоки се исклучуваат внатрешните контролни програми и строги правила на вообичаен начин на размислување („како би требало да биде“), со што клиентот се отвора за истражување нови, поинакви можности и препознавање опции што во секојдневната рутина не би ги земал предвид.

“Со интеграцијата на сликата и зборот истовремено влијаеме на двете страни на  мозокот. Симултаната стимулација создава посебен феномен: Нашите рационални и интуитивни реакции работат заедно, соединувајќи се, создаваат комплетно нови асоцијации.”

(Watraud Kirschke (1999) Secrets of the Peeling)


Одредени одговори за она што се случува во организмот за време на процесот, безбедува и невронауката (Neuroscience), особено за она што ја прави толку важна паузата за стекнувањето нови увиди, а којашто е дел од процесот на работа со Points of You™. Сознанијата до кои дошла Ewa Hartman, PhD (2015), професор и тренер за работа со Points of You™, укажуваат дека, од невро-научна гледна точка, одредени мисловни процеси може да се завршат само кога ние самите сме прибрани, сосредоточени на себе. Човечкиот мозок може да се оптовари од преголем опсег на информации и да не може да ги поврзе елементите во нова целина, односно увид. Токму затоа, во работилниците со Points of You се започнува со (музичка) Пауза.

Музиката придонесува за момент да се исклучиме себеси од морето мисли и идеи, го намалува нивото на стрес хормонот кортизол и му овозможува да умот се организира на поинаков начин. Прочистувањето на умот на овој начин создава простор за нови информации, што доаѓаат заедно со првата картичка. Без да се “расчисти” нашиот ум, вниманието останува расфрлано, и нашиот ум самиот не знае од каде да започне. Зголемените нивоа на кортизол го нарушуваат креативното размислување, што го отежнува иновативното размислување (Thinking out of the box). Без пауза, перцепцијата на она што се случува со картичките може да биде површна и минлива и не е многу задоволителна за учесниците во процесот. Според Hartman (2015) овие елементи се од фундаментално значење кога станува збор за напредните когнитивни процеси (стекнување подлабок увид и нова перспектива за проблемот на кој работиме).

Понатаму, таа вели: „Картичка, слика, збор, прашање…стимулација во контекст на одредена тема. Нашиот ум организира сè, ги подредува елементите на полиците и работи во шема позната само за себе толку долго додека не добие нова, интересна содржина која ги менува аранжманите во својот каталог. Без нови перспективи, постојано се вртиме во круг.  Сакаме различни резултати, но на крајот ги повторуваме истите акции што отсекогаш сме ги преземале.          
Со помош на картичките откриваме нови перспективи, создаваме нови и
нови невролошки патеки. Проширувањето на перспективите буквално го зајакнува нашиот ум и го одложува процесот на стареење. Колку повеќе перспективи, толку повеќе нови нервни патишта (синапси) во мозокот, полесно се забележуваат можностите, подобро се справуваме со промени, подобро комуницираме и ги менуваме убедувањата (beliefs) кои повеќе не ни служат.

Работата со картичките го оптимизира нашето интуитивно размислување. Според невронауката, нашата интуиција е складиште на нашите досегашни искуства, во комбинација со емоции. Интуицијата започнува кога треба да донесеме некаква одлука и веднаш започнуваме да работиме независно од нашата волја. Концентрирањето на картичките не само што ни овозможува да го смириме забрефтаниот ум, туку ни овозможува и да ги видиме и слушнеме сигналите што доаѓаат од нашата интуиција.

Преку слика или збор, ние си обезбедуваме нови стимули што го насочуваат нашето внимание кон различни места. Благодарение на тоа, наместо да го слушаме истото што секогаш го слушаме од нашата интуиција во слични ситуации, можеме да слушнеме нешто ново.

Работата со картичките овозможува полесно да комуницираме. Кога комуницираме преку слики, ги споделуваме информациите на друг начин. Ги заобиколуваме одбранбените механизми на умот кои директно го придружуваат нашиот вербален говор. Дури и најдобриот фидбек може да се земе како напад, примателот сака да се одбрани од потенцијалните непријатности што доаѓаат и се врти кон борба, спротивставување или предавање. Оваа состојба ја ослабува взаемната комуникација, ја нарушува меморијата и го отежнува извлекувањето заклучоци, па тогаш можеме да заборавиме на взаемното разбирање. 

Ако резимираме: низ работата со Points of You™ се зајакнува невропластичноста на човековиот мозок, преку што се обезбедува модерна алатка за себеси и на другите да им овозможиме поголем избор и поддршка во процесот на раст и развој.   

Преку развој на вештините до максимално искористување на потенцијалите

Отворено студио 1, 1TV.mk

„Секој од нас се развива како индивидуа, како личност, без разлика која професија ја работи или на која работна позиција, функција е во моментот. Мора внатрешните свои особини како личност, како знаења, како начин на размислувања, како вештини, да ги развива постојано за да има нови успеси и резултати, да може да влијае на другите, да биде лидер, лидерка, пример, да води тимови, да води своја компанија, да води некој проект или што и да е примената.

Личен развој е она кое што ние го работиме кај луѓето во областа на личноста, она што го нарекуваме псиологија или ние какви сме како типови на личност. И нашата работа често оди и во професионалниот развој“

Ирена Јакимова, за Отворено студио 1 на 1TV.mk

Патувањето „Кажи ДА!“


Дали би кажале ДА на едно убаво и длабоко патешествие на коешто не сте сами?

Дали би се тргнале на неколку дена од брзото секојдневие, би се повлекле во една комфорна, релаксирана средина за да допрете до себе, до својот потенцијал, до своите вистински способности, лидерски капацитети и соништа? Ќе имате поддршка од тренер, од проверени методологии, од група други жени што сакаат да одат напред во развојот на својот потенцијал, во преубава природа, ќе имате време за себе, за релаксација. Имате поддршка.
Дали ќе кажете ДА?

Жените со векови биле учени да велат ДА!

ДА, на садовите за миење. ДА, на нечистите пелени. ДА, на облеката за перење. ДА, на жртвување. ДА, на мачеништво. ДА, на опсесивна диета. ДА, на намалувањето на сопствената вредност пред другите. ДА, на тоа да бидат потивки и помалку досадни. ДА, на грижата за сите околу нив.

  • Да, се разбира, можам да се справам со тоа.
  • Да, завршена работа.

МОЖЕБИ Е ВРЕМЕ ЗА ЕДНО ПОИНАКВО ДА!

Да, за себе. Да, за своите цели. Да, за својата динамика. Да, за поместување на границите. Да, за успеси и напредок каков што сакате и заслужувате. Да, за креирање среќни, радосни искуства. Да, за да бидете видливи, забележани. Да, за живеење живот со целиот личен потенцијал.

Имате можност да застанете, да се погледнете себеси, своите желби, планови, досегашни чувства, своите дејствија и… да го почувствувате својот потенцијал. Што е она што можете, што сакате, што ве довикува, а вие сте го замолчувале до сега? Што е она што можете?

Тридневна програма за сите што се прашуваат себеси:

  • Која сум јас за да направам разлика?
  • Дали сум способна да го направам тоа?
  • Дали можам да успеам во овој бизнис, во овој проект, во ова хоби, во оваа функција, во оваа улога, овој потфат?
  • Дали смеам?

Оваа програма е за сите вас!

Жени со големи таленти, идеи и визија. Жени што не ја гледаат својата феноменалност! Жени што ги задржуваат за себе своите идеи, наместо да ги споделат!
Жени што ги одложуваат проектите и смислуваат куп изговори за да играат на ситно!

Ова е програма за жените да разберат зошто и како се сокриваат себеси. Програма за жените да научат да дејствуваат со големи и лесни чекори!

Да, можете да дејствувате со големи и лесни чекори!

Можете да научите да се водите од своите цели и мотиви, можете да научите како да се ослободите од влијанието на стравот, како да се спријателите со него и да преземате мали чекори и покрај постоење на стравот, како да се справувате со сомнежот во себе, со стравот од тоа што би кажале другите луѓе за вашите идеи.

Дозволете си да започнете да играте на големо!
Бидете лидер за себе, за својот живот, за луѓето што ви значат, за општеството!

За кого:
За жени од сите возрасти и професии, сопственички на бизнис, менаџерки, уметници, занаетчии, едукатори, вработени во компании, самовработени, невработени, учеснички во јавниот живот…

Жени на коишто им се важни следниве придобивки:

осознавање на личниот потенцијал;
поголема самодоверба во сè што правам;
намалување на чувството дека сум премногу млада, премногу стара или не сум доволно експерт за да го направам она што го сакам;
препознавање на внатрешниот критичар и трансформација во внатрешна менторка;
полесна комуникација и изразување на себеси и сопственото мислење;
намалување на чувството на зависност од одобрување од другите луѓе и полесно соочување со критиките што доаѓаат кога правиме нешто важно или иновативно;
преземање мали, ама похрабри акции;
одржување долгорочни акции за да се стигне до сопствените цели, до она што се сака.
препознавање, прифаќање и одговор на стравот што го ограничува мојот напредокот, играњето на големо (што и да значи тоа за мене);
време за дружење со себеси, полнење батерии 🙂
дружење со група жени со огромна поддршка

ИГРАЊЕ НА ГОЛЕМО И ПОКРАЈ СОМНЕЖИТЕ, СТРАВОТ и ЧУВСТВОТО НА ВИНА!


Низ тродневна програма ќе нурнеме во себе, па храбро и осилени ќе испливаме на површината за да заблескаме пред сите во своето вистинско светло!


Датум:29-ти, 30-ти и 31-ви март
Локација:Хотел и спа „Изгрев“ – Струга

Користиме светски применети методологии што даваат резултати.

  1. Coaching for Excellence
  2. Points-of-You (www.points-of-you.com)
  3. Playing Big – Tara Mohr

Цена на патувањето: 320 ЕУР

Вклучени се сите трошоци (сместување, храна, кафиња, користење базен, сауна, програмата, материјали, сертификат за учество, организиран превоз, платен ДДВ).

За еднокреветна соба: 355 ЕУР

10% попуст за рана пријава до 15-ти март!

За дополнителни информации или пријава контактирајте нѐ на:
contact@inspirit.mk
078/ 261 298
или пишете ни на нашата Facebook страна


Попуст за повеќе учеснички од иста компанија, здружение или група пријателки

Побарајте понуда за ваква обука за вашата компанија!


За тренерот:

Ирена Јакимова магистер по деловна економија (MBA на Универзитетот на Шефилд), со долгогодишно менаџерско искуство, со специјалност во маркетинг, комуникации, односи со јавноста, продажба, претприемништво. Во текот на нејзиното работно искуство од преку 20 години, работела во и со големи светски и домашни компании, како и со меѓународни и домашни институции. Била директор на McCann-Erickson, организатор на London School of Public Relations, одговорна во сектор за комуникации на ООН во кабинетот на Постојаниот претставник и др. Еден од основачите на Македонската Асоцијација на Маркетинг Агенции, еден од директорите во бордот на директори при AmCham и др.

Последните 8 години, таа работи со тимови и поединци на инспирирање, охрабрување и зајакнување на нивните капацитети. Стотици компании и илјадници поединци поминале низ обуки (тренинг), тимски коучинг или тим билдинг, индивидуален (еден-на-еден) коучинг и тренинг, а сето е со цел растење и зголемување на нивните можности и остварување подобри резултати. Основач е на Инспирит Коучинг.

Квалификации:
– лиценциран обучувач за возрасни, според пропишаните барања и програма на Министерството за образование и наука и според ЕУ директивите;
– сертифициран NLP Capital Coach и NLP Master Practitioner,
– сертифициран тренер за Points-of-You методологија,
– сертифициранa за примена на SDI (Personal Strengths) методологија,
– сертфицирана за примена на PlayingBig методологија за женско лидерство,
– сертифициранa за Team Coaching & Deep Coaching (Marylin Atkinson, Erickson International),
– сертифициран Executive Leadership Coach – John Mattone Online University
– сертифициран мастер тренер за услуга и комуникација во угостителство (Swiss Hotel Management Academy Lucern),
– EBRD Change Management Consultant.

Лидерот прво мора да се спознае себе, да ги открие слабите точки и местата за развој

Irena Jakimova

Интервју со Ирена Јакимова – основач на Инспирит Коучинг

Самото име Инспирит Коучинг асоцира на поврзаноста со духот, со енергијата на секој човек и секој тим. Инспиративно име за една инспиративна професија. Како дојде до основањето на Инспирит Коучинг?

Фирмата Инспирит Коучинг се роди кога беше подготвена, дури и името сама си го најде… Јас тргнав со друго име што асоцира на инспирација, зашто сметав дека од таму почнува надградбата, развојот, зборот потекнува од латинскиот збор за дишење. Со здивот вдишуваме живот…. Но, во процесот на регистрација на фирмата, дојде до мене овој глагол “to inspirit” којшто значи да внесеш дух, енергија, живот… Тоа е и нашата мисија – го будиме духот (индивидуален или групен) преку отворање нови погледи, нови увиди, нови чувства, нови знаења, вештини и методи за напредување, на личен и на организациски (тимски) план.  И сето ова, како пат кон подобар живот.

Нудите различни коучинг и тренинг програми, како за поединци така и за цели компании. Дали имате клиенти кои бараат конкретна обука или вие сте тие што ги препознавате нивните потреби и им посочувате одредна програма?

Има и такви и такви случаи. Некои клиенти сами се јавуваат за одредена обука (за себе, за еден или за неколку вработени, или, пак бараат понуда за поголема група луѓе – тим или цела компанија). Во некои случаи правиме пакети откако ќе дознаеме кои им се потребите, што им е најважно да постигнат – кои промени, каков напредок и за какви резултати.

Со оглед на тоа дека сме мал пазар, каква е заинтесираноста за ваков тип на бизнис едукација и личен развој?

Ова Ви е одлично и многу важно прашање. Со оглед на тоа дека сме мал пазар, забележувам голема заинтересираност и зголемена побарувачка и посета. И кај нас, и кај други центри и тренери, веројатно. Сепак, и тоа може да расте, бидејќи има многу потенцијал за развој, пазарот е “гладен“. Се’ уште има компании кои не издвојуваат ресурси (време и пари) за едукација и развој на вработените, како и за создавање компаниска култура, компаниски дух. Денешните модерни времиња бараат од компаниите да се посветат на доизградба на вработените, бидејќи не се учи се’ на факултет, а најмалку се учи како да работиме со луѓе. Исто така, и покрај големата невработеност, компаниите и организациите тешко наоѓаат квалитетни вработени. Токму поради ова, тие треба да градат програми за мотивација, развој и споделување на заедничката визија. Што мислите, ако направиме една голема анкета – колкав процент од вработените ја знаат, делат и чувствуваат мисијата и визијата на својата компанија? Дали знаат зошто се таму, кон што придонесуваат и каде одат? И дали и како оди рака под рака со нивните вредности и визија за животот? Во голем дел, и од ова ни зависи какво општество ќе бидеме.

Points of You

Низ нашиот разговор стекнав впечаток дека работите со многу различни дејности, индустрии, видови организации. Како успевате да ги совладате сите тие знаења за нивното функционирање, природата на дејноста?

Ова е, исто така, едно многу убаво прашање. Зошто? Од две причини: прво мене лично тоа ми претставува задоволство, возбуда, исполнетост, кога гледам успеси што ги остваруваат моите клиенти во разни области (индустрии, дејности, професии). И така јас имам чувство дека се мултиплицирам. Второ, ова е убаво место да нагласиме дека нејчесто нема потреба да ја познаваме дејноста, областа во којашто работат нашите клиенти, нивните детални процеси на работа и содржината, бидејќи коучот не навлегува во содржината. Коучот или обучувачот ги менува внатрешните процеси на размислување, емоционалните состојби и ставови, развива вештини кај клиентот, а потоа клиентот ги применува во својата професија, на своето работно место или во приватниот живот. Во некои случаи, за некои професии имка специфичности, и ние ги почитуваме и земаме предвид во работата.

Дали Инспирит Коучинг ги нуди своите услуги и надвор од Македонија и како се истите прифатени?

Јас лично, за некои наши странски клиенти, сум патувала во странство и таму сум држела обуки и коучинг за менаџерски тимови. Ние имаме врвни методологии и обучени тренери и во Македонија, сосема рамо до рамо со светот. Тоа сум го почувствувала и потврдила кога лично сум учествувала на обуки дома и во странство, а каде што сум сретнала тренери, обучувачи и консултанти од целиот свет. И во регионот веќе разговараме за соработка и наше присуство.

Irena Jakimova

Од неодамна внесовте нова методологија за тренинг и развој – Points of You. За што точно станува збор?

Во нашата работа, за да дадеме врвен придонес, ние комбинираме знаења од применета психологија, личен развој, со бизнис/организациски знаења и вештини…
Points of You е успешна израелска компанија (основана во 2006 година) којашто работи на развивање креативни алатки и методи за поддршка во процесите на личен и организациски развој. Тие го нашле своето место во широкиот спектар развојни методи, како што се индивидуален и тимски коучинг, тренинг (обуки) за лични и бизнис вештини, тераписки процеси, едукација, советување, развивање креативност, иноваторство, стратешко планирање и слично.

Работата со Points of You-алатките им помага на луѓето да се отворат за нови перспективи и да размислуваат надвор од своите вообичаени гледишта. Можат да се користите индивидуално, во парови или во група. Целта на работата со алатките е да го разбудиме разбирањето на одредена ситуација или проблем, да ги согледаме од што повеќе различни перспективи, да стекнеме нов увид, а на крај да се фокусираме и да смислиме соодветен акциски план.

Бидејќи работат на длабоко психолошко и човечко ниво, картичките и приказните се универзални, широки и речиси магични!

Points of You

Јас ги користам веќе две години, со голем успех, разновидна примена и лична воодушевеност. Во ноември ја обучивме првата група сертифицирани корисници, и тие веќе пријавуваат успешна примена или нови начини на примена. Веќе половина група е оформена и за декември. Пријавите се во тек. Македонија и професионалците во неа се гладни за иновативни пристапи и развој. Среќна сум ако можеме тоа да го поддржиме.

Каде, според вас, има најмногу простор за работа? На кое поле на личен и професионален развој треба најмногу да се работи и што е најбарано од страна на клиентите?

Се бара самодовербата, дозвола дека можам, дека смеам, дека ме бива. Тоа е како еден чадор над сите други потреби. Понатаму, вештината на добрата комуникација (не многу се знаат тие вештини, распространето е сфаќањето дека ако знаеме да зборуваме, знаеме и да комуницираме). Лидерските вештини, од кои најмногу мотивација и развој на припадници на тимот, делегирање, визија… Кај лидерските вештини би спомнала дека најмногу е потребна работата на себе-спознавање, на откривање на слабите точки и местата за развој. Тука почнува развојот, лидерството…

Што, според вас, е најважно за еден поединец  да ги постигне и да ги одржува потребните вештини за успех во животот?

Ми се чини дека најважно е прво да детектира КОИ се тие вештини и ЗА ШТО се потребни. Кој е тој успех што поединецот сака да го постигне, каде, со кого, во рамките на која дејност (организација), ако веќе зборуваме за професионален успех. ШТО е најважно на поединецот во животот? Без што не може, од што не би се откажал/а, за што се залага? Тоа е она што го нарекуваме вредности. Потоа, каква личност сака да стане, да биде? Од таму ќе може секој да тргне со вештините и ќе знае кои се потребни. Каде што треба помош, насока и поддршка – тука се вклучуваме ние, компаниите и професионалците за едукација и личен тренинг. Затоа постоиме. Да им се најдеме на луѓето да ги активираат своите максимални потенцијали. За да живеат поубав живот.

Извор: makedonija.womeninadria.com

Деловен советник: Деловна и приватна комуникација со себе

Се ближи крајот на уште една календарска година и веќе почнуваме да ги одредуваме целите и да ги правиме плановите за тоа што сакаме да го постигнеме и да го достигнеме во новата година.

Автор: Ирена Јакимова, irena.jakimova@inspirit.mk

Доаѓа 2018 година. Правиме анализи, планови, резиме на сето тоа што се случувало… Редиме желби и цели. Некои ги запишуваме, некои ги чуваме во себе. И додека тоа го правиме, додека сумираме какви биле нашите успеси и постигнувања, до каде сме стигнале, што ново сме научиле, што сме се обиделе поинаку и слично, една тема од областа на комуникацијата си го бара своето место.

Дали сме се запрашале и искрено сме одговориле на следново:

  • Кој е нашиот најголем деловен партнер?
  • Кој е нашиот најдобар пријател?
  • Кој е нашиот најверен животен сопатник?

Имаме можност да размислуваме и да набројуваме, но ако успееме бргу да се сетиме дека тоа сме ние самите, се отвора нов пат до еден голем личен успех. Тоа нè води кон следното прашање: Како комуницираме со себе?

Дали сме го забележале внатрешниот глас, кој постојано и неуморно работи? Каков е тој глас? Каков му е тонот, брзината, висината? Дали е строг, отсечен и груб или мек, топол и охрабрувачки? Дали нèсече како остар нож или турпија или, пак, е како топла мека наметка, блага рака спуштена на рамото, која истовремено ни нуди чаша ароматично вино или шолја топол чај?

Дали сме го забележале внатрешниот глас, кој постојано и неуморно работи? Каков е тој глас? Каков му е тонот, брзината, висината? Дали е строг, отсечен и груб или мек, топол и охрабрувачки?

Додека ги читате овие редови, ги замислувате и ги чувствувате тие две различни состојби,  добивате различни мотивации. Така е и со вашиот глас, тој со кој се обраќате себеси.

Сите имаме некој внатрешен глас, можеби и повеќе. Со него ги анализираме надворешните настани и случувања, а со него комуницираме и со себеси. Си зборуваме, прераскажуваме, коментираме, носиме заклучоци… Тој глас е еден вид навигатор за нашите одлуки, за емоциите, чувствата, па и за нашето однесување. Честопати, тој глас ни кажува што следно (треба) да направиме. Што да мислиме, како да се чувствуваме. Зборовите што си ги кажуваме влијаат на тоа какви чувства си предизвикуваме, а чувствата  влијаат на нашата целосна состојба. А, од неа, погодете што? Од состојбата зависат нашите постапки, а од нив, пак, нашиот успех. Дури и тоа што го подразбираме како успех.

Сме помислиле ли некогаш како си влијаеме себеси со тоа што си го зборуваме? Дали со тоа што си го зборуваме себеси, си даваме охрабрување, почит или постојана критика? Сме ги забележале ли зборовите со кои се обраќаме себеси? Понекогаш, тоа што ќе си го кажеме во лутина, не би го кажал ниту најголемиот непријател ниту, пак, најголемиот непристојник.

Ако ни станува јасно дека начинот на кој комуницираме со себеси влијае на нашите постапки, чувства и на состојбата во која се наоѓаме, а сето тоа влијае на резултатите, насоката и на успехот во животот, тогаш како би било да размислиме, да почувствуваме и да решиме да почнеме да го менуваме тоа на подобро?

Како вежба за усовршување, може да си поставиме предизвик да се преиспитаме во некои ситуации што ни се важни и клучни во животот. Да осознаеме како комуницираме во тие ситуации со себеси, па да почнеме да вежбаме и нови пристапи. 

Како можеме да го направиме тоа?

Најпрвин, важно е да станеме свесни за начинот на кој се обраќаме и комуницираме со себеси. Свесно да го слушаме, набљудуваме и да го почувствуваме тој наш дел. Секој го има тој внатрешен глас, а една од неговите појави е во вид на внатрешен критичар. Тој е „вработен” 24/7 да зборува, мери, споредува и да критикува, најчесто нас самите, за да нè спречи да направиме нешто поинакво од нашите уверувања и да нè чува на „сигурно”. Честопати, тој глас постојано ги критикува другите луѓе, а тоа нè врти во истиот маѓепсан круг, бидејќи нашиот несвесен дел може да го подразбира тоа и како критика на нас самите.

Особено важно е да оцениме како на нас влијае секој различен вид комуникација со себеси. Како се чувствувам, какви се моите состојба, став и постапки ако си речам: Баш си смотана! или Глупава гуско!во споредба со Ха, ова секому може да му се случиКако најдобро да го средам тоа? Како да внимавам следниот пат? Што можам да направам за да бидам повнимателна? Пробајте го тоа.

Понатаму, ако забележиме дека имаме некое мислење за нешто или за себеси што постојано си го повторуваме, а тоа нè обесхрабрува и нè прави послаби или, пак, нè спречува да преземеме нешто, би можеле да си ги поставиме следниве неколку прашања:

  1. Дали тоа е вистина?
  2. Од каде го знам тоа?
  3. Што би кажала или помислила личност која веќе има успех на тоа поле ако сега е на моето место?
  4. Кога тоа не би било вистина, што би сторил(а), презел(а), избрал(а) сега?

Може да пронајдеме и некоја личност што некогаш ни давала поддршка или која ја почитуваме (не мора лично да ја познаваме), па да ѝ го „позајмиме” внатрешниот глас, за да ни дава пофалби, насоки и поддршка. Обидете се да се пофалите себеси секогаш кога нешто ќе завршите, добро ќе постапите, ќе донесете добра или храбра одлука, ќе се чувствувате убаво… Обидете се да си кажете: Браво за тоа, одлично го направи! Навистина стануваш мајстор.

Обидете се да си кажете: Браво за тоа, одлично го направи! Навистина стануваш мајстор.

Како вежба за усовршување, може да си поставиме предизвик да се преиспитаме во некои ситуации што ни се важни и клучни во животот. Да осознаеме како комуницираме во тие ситуации со себеси, па да почнеме да вежбаме и нови пристапи. Нови, поинакви реченици и тон, кои охрабруваат, смируваат, уверуваат и даваат нова сила. Нè влечат напред нас самите, нè влечат кон подобар резултат на ситуацијата.

Еве некои ситуации како примери:

  • Како си се обраќаме себеси пред да почнеме продажба или преговори?
  • Што и како си зборуваме наутро кога одиме на работа?
  • Пред настап или презентација?
  • Пред да донесеме некоја одлука?
  • Како си се обраќаме секое утро? А како секоја вечер?
  • Како ги опишуваме светот и животот, генерално? Дали веруваме дека секогаш некој друг е виновен и нешто ни прави? Или си велиме: Јас можам следниот пат да постапам поинаку за да имам поинаква ситуација, друг резултат и други чувства.

Додека го пишувате списокот желби и цели за 2018 година, размислете за начинот на кој комуницирате со себеси – Што можам да сторам за да го сменам тоа во насока на моја поголема поддршка и охрабрување, наместо да бидам својот најгласен критичар?

 

Извор: InStore


Ирена Јакимова (MBA) e сертифициран обучувач и тренер (коуч) за менаџери, претприемачи и за тимови на компании, во областите комуникација, менаџмент, лидерство, продажба, личен развој и пораст на бизнисот. Има огромно искуство од маркетинг, рекламирање и комуникации за компании и за меѓународни развојни организации. Повеќе од 15 години работела за интернационалните рекламни агенции, како што се „DDB Needham” и „Меккен Ериксон Скопје”, кој го раководеше 6 години. Таа е и еден од основачите на првата Македонска асоцијација на агенции за маркетинг (МААМ), како и иницијатор за почеток на Лондонската школа за односи со јавноста, во Скопје. Исто така, неколку години работела и во Канцеларијата на ООН и УНДП во Македонија. Основач е на „Инспирит коучинг”

Деловен советник: Деловна комуникација во живо, на телефон или по мејл

Навидум различни, но слични. Сепак, сите со свои специфичности – тоа се трите начини на деловна комуникaција – во живо, преку телефон и на мејл

Автор: Ирена Јакимоваirena.jakimova@inspirit.mk

Во продолжение на овој текст, ќе разгледаме што е различно, а што исто за трите начини на деловна комуникација, што ќе може да ви користи при секојдневните практики.

Комуникација во живо

Најголемата предност на комуникацијата во живо е во тоа што имаме поголем дијапазон на „алатки” и на канали за комуницирање. Тоа ги вклучува:

а) Изразот на лицето (очите, главата);

б) Движењата на рацете (раменици, дланки, тоа што го правиме со рацете);

в) Нозете и ставот;

г) Целото тело;

д) Просторот околу нас;

ѓ) Гласот.

Кога имаме комуникација во живо, може да ја засилиме пораката и комуникацијата со другата страна. Едно истражување на професор Алберт Мехрабиан, укажало на тоа дека пораката се пренесува само 7% преку зборови, 38% со тонот на гласот и со брзината на говорот, додека цели 55%, се заслуга на говорот на телото (и на сигналите што ги испраќа преку несвесните движења). Затоа, кога сме во комуникација во која се присутни двајцата соговорници, тоа може многу да влијае на пренесувањето и на целосната порака што се испраќа и се прима.

Најголемата предност на комуникацијата во живо е во тоа што имаме поголем дијапазон на „алатки” и на канали за комуницирање.

Ако првиот чекор е да бидеме свесни за нашето тело, глас, движења, гестови и мимики, вториот чекор е да ги следиме, контролираме и да ги насочуваме за оптимално пренесување на нашата порака, за да бидеме најдобро разбрани и, конечно, да предизвикаме некаква промена на сознанијата и на емоциите кај другата страна. Третиот чекор подразбира да станеме свесни и со изострени сетила да ја набљудуваме другата страна, да ги следиме нејзините реакции, говорот на телото, тонот на гласот, гестовите и мимиките. Сето тоа ќе ни укаже што се случува во умот на другата страна, какви реакции и чувства се јавуваат, па во согласност со тоа, ќе препознаеме и дали нашата порака е добро пренесена, дали тоа што го зборуваме е јасно, прифатливо или има внатрешен отпор кај соговорникот. Активното следење ќе ни укаже на моментот кога да запреме, да поставиме прашање или да ја смениме темата.

Тоа што можеби е недостаток и отежнувачки фактор на комуникацијата во живо, е што треба да бидеме брзи. Некогаш немаме многу време за размислување и за пронаоѓање на најсоодветниот одговор, реакција, збор…

За среќа, сето тоа се учи.

Нашата состојба, расположение, подготвеност и (не)сигурност се чувствуваат и се пренесуваат дури и кога соговорникот не нè гледа, преку телефонскиот разговор.

Комуникација преку телефон

Во комуникацијата преку телефон, можеби не го гледаме соговорникот, но, верувајте, и овде голема улога има говорот на нашето тело. На прво место е гласот – тонот, висината, брзината и паузите, а секако, и ставот на нашето тело. Не е сеедно и не е ист впечатокот и пораката (енергијата) што се испраќа, ако стоиме, лежиме или седиме. Нашата состојба, расположение, подготвеност и (не)сигурност, се чувствуваат и се пренесуваат дури и кога соговорникот не нè гледа, преку телефонскиот разговор.

Исто така, треба да внимаваме и на состојбата на соговорникот од другата страна, да препознаеме дали тој е во седечка или во стоечка позиција, дали брза или има време, да ги препознаеме паузите, моментите кога размислува, кога го забрзува или забавува темпото… Да дадеме време и миг за размислување, за одговор, да бидеме ислушани.

Особено важен е и првиот момент за почеток на разговорот – да прашаме дали соговорникот има време, а потоа е добро да објасниме зошто се јавуваме.

Комуникацијата преку телефон има ограничување бидејќи треба да е пократка. Некаква мала предност е што би можеле да се послужиме и со читање на некои информации, ако ни се потребни за помош. Но, сепак, и кај овој вид комуникација и кај комуникацијата во живо, клучно е дека треба да ги следиме однесувањето и реакциите на соговорникот, како и да го следиме темпото.

Кај писмената комуникација оставаме впечаток со начинот на кој ги користиме зборовите. Создаваме слики и чувства во умот и во психологијата на нашите „соговорници”.

Писмена комуникација преку мејл

Предноста на писмената комуникација (е-мејл) е во тоа што имаме време убаво да осмислиме што ќе напишеме и, ако е потребно, неколкупати да се навратиме и да го прочитаме напишаното, нешто да додадеме или одземеме, да смениме. Тоа го правиме за да испратиме подобра, појасна и повлијателна порака. Кај писмената комуникација не го гледаме или слушаме соговорникот, но сепак, оставаме впечаток со начинот на кој ги користиме зборовите. Создаваме слики и чувства во умот и во психологијата на нашите читатели.

Јасно средена реченица, мисла со јасна насока, текст што се реди според некаков разбирлив редослед и создава целина, јасно одвоени пасуси, кратки и разбирливи реченици – сето тоа придонесува за подобра порака. Во зависност од типовите мотивациски системи што ги разгледувавме во минатиот број, може да препознаеме дали некој сака кратко, јасно и бргу да стигне до целта или сака да пишува во детали, дали го има на ум целиот тим или грижата за другиот – сето тоа може да го препознаеме во начинот на кој се пишува.

Тоа што е добро и за нас и за другата страна, е што може да го приспособиме стилот на пишување кон стилот на човекот со кој се допишуваме. Така полесно ќе се разбереме. Ако одиме подлабоко и во детали, ќе осознаеме со кое сетило соговорникот ја објаснува реалноста во својот свет (дали користи слушам, звучи, гласи, или пишува гледам, јасно ми е, види вака…). И во тој случај може да се доближиме до нашиот „соговорник” со кој се допишуваме, па да добиеме подобра, потемелна, полесна и повлијателна комуникација. Оти, целта на комуникацијата е да пренесеме некаква порака, информација, но, пред сè, да создадеме емоции.

Да резимираме. Трите начини на комуницирање имаат свои предности и недостатоци, па затоа треба да сме вешти во сите од нив. Треба да бидеме вешти и во тоа да препознаеме дали соговорникот претпочита лична комуникација, преку телефон или на мејл. Во сите случаи, заедничко е што комуникацијата не е само зборови, туку голема улога игра и начинот на кој тие се употребени. Заедно со зборовната порака, нашите потсвесни делови комуницираат меѓу себе на едно многу пошироко и подлабоко поле.

 

Извор: InStore


Ирена Јакимова (MBA) e сертифициран обучувач и тренер (коуч) за менаџери, претприемачи и за тимови на компании, во областите комуникација, менаџмент, лидерство, продажба, личен развој и пораст на бизнисот. Има огромно искуство од маркетинг, рекламирање и комуникации за компании и за меѓународни развојни организации. Повеќе од 15 години работела за интернационалните рекламни агенции, како што се „DDB Needham” и „Меккен Ериксон Скопје”, кој го раководеше 6 години. Таа е и еден од основачите на првата Македонска асоцијација на агенции за маркетинг (МААМ), како и иницијатор за почеток на Лондонската школа за односи со јавноста, во Скопје. Исто така, неколку години работела и во Канцеларијата на ООН и УНДП во Македонија. Основач е на „Инспирит коучинг”

Приватност

Оваа веб-страница користи колачиња за да можеме да ви обезбедиме најдобро можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се: да ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-страница и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-страницата ви најинтересни и корисни.

Неопходни колачиња

неопходните колачиња е потребно да се овозможени во секое време за да можеме да ги зачуваме вашите параметри за поставките за колачиња.

Колачиња од трети страни

Користиме Google Analytics за собирање анонимни информации како што се бројот на посетители на страницата и најпопуларните страници.

Одржувањето на ова колаче вклучено ни помага да ја подобриме нашата страница.

Останати

Оваа веб-локација ги користи следните дополнителни колачиња:

YSC .youtube.com Youtube sets this cookie to track the views of embedded videos on Youtube pages. session Advertisement
sbjs_migrations .inspirit.mk This cookie is to identify the source of a visit and store user action information about it in a cookies. This is a analytic and behavioural cookie used for improving the visitor experience on the website. session Analytics
sbjs_current_add .inspirit.mk This cookie is to identify the source of a visit and store user action information about it in a cookies. This is a analytic and behavioural cookie used for improving the visitor experience on the website. session Analytics
sbjs_first_add .inspirit.mk This cookie is to identify the source of a visit and store user action information about it in a cookies. This is a analytic and behavioural cookie used for improving the visitor experience on the website. session Analytics
sbjs_current .inspirit.mk This cookie is to identify the source of a visit and store user action information about it in a cookies. This is a analytic and behavioural cookie used for improving the visitor experience on the website. session Analytics
sbjs_first .inspirit.mk This cookie is to identify the source of a visit and store user action information about it in a cookies. This is a analytic and behavioural cookie used for improving the visitor experience on the website. session Analytics
sbjs_udata .inspirit.mk This cookie is to identify the source of a visit and store user action information about it in a cookies. This is a analytic and behavioural cookie used for improving the visitor experience on the website. session Analytics
sbjs_session .inspirit.mk This cookie is to identify the source of a visit and store user action information about it in a cookies. This is a analytic and behavioural cookie used for improving the visitor experience on the website. 1 hour Analytics
__Secure-YEC .youtube.com No description 1 year 1 month Other
VISITOR_PRIVACY_METADATA .youtube.com No description 1 year 1 month Other
VISITOR_INFO1_LIVE .youtube.com YouTube sets this cookie to measure bandwidth, determining whether the user gets the new or old player interface. past Advertisement
CONSENT .youtube.com YouTube sets this cookie via embedded YouTube videos and registers anonymous statistical data. 2 years Analytics
yt-remote-device-id youtube.com YouTube sets this cookie to store the user's video preferences using embedded YouTube videos. never Advertisement
yt.innertube::requests youtube.com YouTube sets this cookie to register a unique ID to store data on what videos from YouTube the user has seen. never Advertisement
yt-remote-connected-devices youtube.com YouTube sets this cookie to store the user's video preferences using embedded YouTube videos. never Advertisement
yt.innertube::nextId youtube.com YouTube sets this cookie to register a unique ID to store data on what videos from YouTube the user has seen. never Advertisement
mailchimp_landing_site inspirit.mk MailChimp sets the cookie to record which page the user first visited. 1 month Functional