Сомнежот

Многу често работам со жени, индивидуално или во група.

Луѓето често ме прашуваат што точно работиме. Дали нешто учиме? Какви се тие (коучинг) разговори што ги водиме? Дали е тоа обука или е терапија?

Ја мислев темава од насловот уште откако ја завршивме летната двомесечна обука за жени, ја мислам уште повеќе откако ја објавивме најавата за есенската група што почнува од октомври, ја мислам секој ден кога правам план за индивидуалните сесии со клиентките што се сега во пакет индивидуална програма… Но, нешто што прочитав некаде на социјалните мрежи, нешто што, всушност, два-три пати го прочитав, ме насочи да и’ дадам и „локален“ призвук, боја, емоција….

Прво да кажам дека, во сесиите секако учиме и нови вештини, нови сознанија и знаења, нови начини на размислување, релации со себе, со другите, со енергијата… Но, она што прво и најмногу го работиме е – да ги откриеме внатрешните пречки, ѕидови, да ги пронајдеме местата каде што самите се запираме…

Тие можат да бидат во вид на одредени мисли, за коишто веруваме дека се вистинити и според кои се управуваме во носењето одлуки и преземањето постапки. Потоа, тие постапки ја сочинуваат и управуваат нашата животна патека… Тие можат пречки, мисли, чувства можат да бидат различни, но, едно е над сите, пред сите, најчесто се појавува, а тоа е – сомнежот во себе.

Оваа практика е раширена и позната во светот, секако дека ја имаат и мажите. Она на што сакам овде да се осврнам, а, од што, верувам, ќе имаат корист и жените и мажите, е праксата и податоците дека тој сомнеж многу почесто и поизразено се јавува кај жените.

Овде ќе ги прескокнам истражувањата и доказите на неврологијата (како работи нашиот мозок) и други аспекти на психологијата, а ќе се задржам на аспектот на антропологија и култура. Нашата локална, а, може и – Балканска култура. Под култура подразбираме – како се прават работите кај нас. Во што веруваме, како одредуваме што е добро, што е лошо.

И, тука започнува „тренингот“. Од мали нозе жените се тренирани да бидат мирни, послушни, да не се истакнуваат многу, најчесто да ја реализираат својата вредност преку маж, преку грижа за другите или, ако ја реализираат својата вредност преку работни достигања, тоа е често пати на „машки“ начин – со многу правење, морање, напор… Често пати, тие не се ни видливи во своето семејство и своето окружување, а ако се видливи, често пати се на удар на критики.

И, во тој суров свет на очекувања, доделени улоги, места и правила, во тој свет на тренирана условеност со генерации – жените длабоко во себе цементираат една верба дека треба многу пати да се проверат, да се подготват, да знаат се’ (интелектуално, во умот), да го имаат најдобриот начин, многу да се трудат (по можност и да се мачат што повеќе), многу да прават и постојано – да се сомневаат во себе.

Тој сомнеж во себе не може да се искорени, но, може да се препознае, ублажи, да му се даде посоодветно место (како советник, на пример, ама, хонорарен, повремен), да се препознае како се појавува, кога се појавува, какви се речениците со кои ни зборува, какво е чувството што ни го буди и, најважно од се’ – дали не’ мотивира на подобрување и акција, или не’ запира?

Мојата порака е кратка и едноставна: пронајдете каде се’ ве запира вашиот сомнеж и обидете се да правите чекори, да преземате активности со него под рака! Не бркајте го, не чекајте го да си оди. Нема да си отиде. Чекорете напред со него под рака. Се’ она што треба да подобрите, да усовршите – можете да го направите по пат. А, можеби и ќе научите дека и не морало да биде изведено на тој начин како што вие сте го замислиле. Можеби, можело и полесно, и поедноставно.

Пред да ја почнете оваа пракса, дајте му шанса на следново размислување, пробајте ги следниве прашања/вежби:

„Каква би била, кога би знаела дека сум сосема доволна и сосема во ред со самото мое раѓање и постоење?“

„Каква би се појавувала во мојот живот и како би се однесувала, кога би верувала дека ова е вистина – дека сум доволна и вредна со сето тоа што го веќе го имам и со самото тоа што постојам?“

„Кога би верувала дека сум сосема доволна и сосема вредна со самото мое раѓање и постоење, кои одлуки би можела да ги донесам, кои промени би тргнала да ги правам, кои чекори би ги презела?“

Ирена Јакимова, Професионален обучувач за возрасни и тренер (coach), ментор за личен и професионален развој

Inspirit Coaching

 


Извор: zenskimagazin.mk

Ирена Јакимова: ВРЕМЕ Е ЗА ИНОВАТИВНОСТ

Ирена Јакимова е основач и сопственик на компанијата Inspirit Coaching која се занимава со советодавни услуги за поединци кои сакаат да го подобрат својот професионален и деловен капацитет. Разговаравме за потенијалот кој го поседува секој поединец и можностите истиот да го претвори во деловен и професионален успех!

Ирена, се знаеме одамна, долго време се договараме за овој разговор, и се’ некако одложувавме, бевме презафатени да седнеме и конкретно да поразговараме. Чувствуваме дека  сега е клучно време за овој разговор.  За нашите читатели, можеш ли да ни кажеш неколку реченици за твојата работа со Инспирит Коучинг?

Верица, благодарам за оваа прекрасна  можност, да поразговараме и да пренесеме некои пораки на надеж и инспирација во времиња кога голем дел од вниманието на луѓето е зафатено со грижи. Изгледа дека ова е вистинското време за поголема свесност за иновација, иако, така може да се каже за секое време. Јас и мојата фирма се занимаваме со трансформација на потенцијалот на луѓето и го претвораме во резултати. Клиентите или доаѓаат сами, како индивидуални лица, или преку компанија што не’ ангажирала. Преку водечки светски методи ги менуваме начините на размислување, ги прескокнуваме заедно сите невидливи пречки што им стојат на патот до посакуваната промена, до успехот и личната (или компаниска) реализација. Тоа го работиме преку разни курсеви, програми во група, или, пак, индивидуално, 1 со 1.

Порано имавме многу обуки и такви работилници во живо, па и на други локации. Од оваа пролет, речиси сите се онлајн. Водам групи онлајн, а работам и индивидуално со клиенти, онлајн.

Нашиот пазар не е лесен, тој допрва (ќе) се развива. Не само што имаме малку жители, туку и свеста за потребата и ефектите од ваквата работа, не се на доволно ниво. Дури откако ќе дојдат на групните обуки (или работилници) или ќе се сретнеме во компанија што не’ ангажирала, луѓето велат „Ах!“ и се воодушевени од она што ќе научат и ќе применат. 

Многу често ги забележуваме активностите што ги правите на кои се гледа работа со фотографии. Кажете ни за каква метода станува збор?

Во текот на моето лично искуство како професинален обучувач, коуч, ментор и фасилитатор, од морето алатки и методологии што ни се на располагање, правев комбинација од повеќе пристапи низ годините наназад. Она што го најдов и го добивам со методологијата и алатките Points of You, ги надмина сите мои очекувања. Сум сведочела на позитивни реакции и процеси и кај многу аналитични умови, и кај скептици, и кај средношколци и кај возрасни, сериозни и конзервативни луѓе, и во корпорации, државни институции, невладини организации… Учесниците на работилниците доаѓале до нови идеи, одлуки и увиди, ја пронаоѓале длабоката смисла, поврзаност и сатисфакција од својата работа, од тимот на којшто му припаѓаат, започнувале да зборуваат за себе и меѓу себе…

POINTS OF YOU се  сетови од картички со фотографии или зборови, комбинирани со музика, книги со приказни за story-telling и работа со метафори. Секоја од фотографиите е внимателно продуцирана и доловува теми од секојдневниот живот или изрази на лица. Таквиот квалитет на сликите овозможува да предизвикаат одредени реакции  кои клиентот тешко сам би ги искажал со зборови, со што  фотографијата добива магична моќ. Оваа исклучително иновативна методологија е развиена во Израел и се применува насекаде низ светот. Јас ја применувам од 2016 година и сум сертифициран експерт тренер, а веќе ја пренесов на повеќе од 60 професионални лица од кај нас за да ја користат во својата работа, уште од 2018 год.  Ова лето, кај нас обучив уште 12 практичарки што ќе ја шират натаму оваа методологија и ќе обучуваат и други да го применуваат овој иновативен пристап и материјали. Замислете што би можеле да направиме ако би биле прифатени во училиштата?

Што е за тебе иновативност? Колку си била иновативна до сега? Колку е иновативна твојата работа, покрај оваа феноменална методологија за којашто ни објасни?

Се сеќавам, порано мислев дека иновативност е да измислиш нов производ, да бидеш инженер, научник (професор Балтазар од цртаните филмови), но, сфаќам дека и многу луѓе се’ уште го учат значењето на тој збор и што подразбира, што носи… Зборот потекнува од латинскиот збор innovare и значи да се обнови, што повторно потекнува од нов, ново.

Но, значи многу повеќе. Jас вака гледам на тоа: живеејќи во природа, во Универзум којшто постојано се менува, „иновира“ и никогаш не е ист (!), менувањето, односно иновацијата е начин да преживееме.

Како можат нашите фирми или претприемачи да бидат иновативни во ова тешко време?

Не е лесно, притисокот е голем, како на финансиски план или во делот на можности за реализација (испорака на производот или услугата), така и во областа на нашиот ум, бидејќи има голема бучава. Од секаде пристигаат различни и огромен број информации, разочарување за неисполнети планови, разочарување од несовесни и невнимателни сограѓани… Секогаш имаме избор – дали ќе се препуштиме на ситуацијата, на околината, дали ќе се жалиме или нешто ќе менуваме. Дали ќе иновираме? Дали ќе правиме нешто поинаку? Можеме да ги смениме начините на работа, можеме да смениме за кои клиенти (пазари) служиме, можеме да го смениме нашиот производ или услуга (или начинот на достапност)… Конечно, можеме да почнеме да се менуваме, иновираме себеси.

This image has an empty alt attribute; its file name is August-6-1-1024x729.jpg

Некоја порака за крај?

Светот се ресетира и се обидува да се извлече од пајажината во којашто се заплетка. Голем дел од светот оди напред (или веќе беше отиден уште пред да започне оваа здравствена криза со вирусот). Мојата порака е да се отвориме и да иновираме. Да бараме, да нудиме и да прифаќаме нови начини на работење, на заработка, на лична реализација, на опстојување на компаниите, нови начини на постоење. Тоа започнува од најтешкиот, а најефикасниот процес – иновација во начинот на размислување и доживување на светот. Дали се доживуваме немоќни и како жртви на другите (кадешто оди и вината) или се доживуваме како способни суштества со ресурси во самите нас.

Тоа е мојата порака: во секој момент имаме можност и слобода да менуваме нешто кај нас. Можеме да престанеме нешто да правиме, можеме да почнеме нешто ново да правиме или на поинаков начин, можеме многу нови работи да научиме, дури сега е подостапно. Потребна е само внатрешна волја и да си дадеме дозвола.

 

 


Разговараше – Верица Јорданова

Извор: inovativnost.mk/

Сложувалка

Една од добрите активности за насочување на вниманието и смирување на енергијатана моето дете е – редење сложувалка. И, така,летово, наредивме две. Големи. Се редеа со денови, понекогаш поради тоа сите јадевме во дневната соба, за да биде слободна масата во кујната, за, на неа, да биде распослана сложувалката.

Децата се нашите учители, тие се нашите водители кон подобри верзии од нас.
Така и јас, по не знам кој пат, освестив нешто ново. Всушност, освестив две работи.

Не знам дали сте ределе голема сложувалка, со многу делчиња? Дали ви е познато чувството кога не можете да најдете едно делче? Гледате, преместувате, се наваднувате под масата, ги пребарувате делчињата….го нема! Потоа се насочувате на друг дел од сликата, правите друга целина за да ви се смени шарата пред очите, па пак барате, па пак се враќате…и така… Она што ми се случи како увид, лекција и момент на растење – беше кога на два пати делчето ми се „појави“ тука пред очи! Тоа било тука цело време, јас не сум го видела.

Колку пати сте застанале да земете воздух, да го смирите умот, да се насочите на нешто друго, за потоа кога ќе се вратите – решението да биде пред вашите очи? Пред носот, како што велиме.

Колку пати решението го барате таму некаде, далеку или надвор од вас, а тоа било пред вас или во самите вас?

виделе бидејќи сте биле зафатени со – барање.

Одете понатаму. Што друго во животот не гледам пред мојот нос?
Кое решение во мојата работа не го гледам или не го слушам во главата?
Каде да се раздвижам, да се свртам – за да го најдам?

Другото искуство од сложувалките, за среќа, не го доживеав летово, но, помислив на него. Можеби вие сте го доживеале редејќи сложувалка? Последното делче?

Сложувалката не може да биде цела, да биде готова без тоа едно делче. Ќе има дупка, ќе недостасува една шара, ќе има празен простор и нема да е целина.

Така е и со светот. Тоа делче сте вие.

Излезете, живејте ја вашата приказна. Дајте го вашиот придонес. Зашто, ниту едно друго делче од сложувалката не е како вас. Ниту едно друго делче ја нема вашата форма, шара, место во целата слика. А, како делче, вие, можеби, не можете да ја видите целата слика и се прашувате за својата улога, за своето место, за својата вредност. Ако успеете да се издигнете над целата слика, ќе го видите своето место, ќе ја видите својата улога и ќе ја осознаете својата вредност што, како уникатно делче, ја давате на целата сложувалка.

Оваа планета што без прекин се врти со незамислива брзина околу својата оска и околу сонцето, во некој бесконечно широк простор наречен вселена, веројатно знае што прави.
И тоа го знае многу повеќе од нас.

Затоа, не двоумете се многу. Комплетирајте ја сложувалката со вашето активно постоење и придонес.

Ирена Јакимова, Професионален обучувач за возрасни и тренер (coach), ментор за личен и професионален развој

Inspirit Coaching


Извор : zenskimagazin.mk

Независност

Колумнава ја пишувам на Денот на независноста.

Ќе се свртам кон две работи, според мене, важни за нашата земја, важни за секој поединец. Ќе се обидам да се поврземе со Македонија преку две теми.
Ако не се поврземе со нешто повеќе од извод од матично и лична карта на живеење, тогаш може и да не биде лесно да се поврземе воопшто. Да се поврземе со поимот независност, прво. На крајот, ќе се поврземе со уште еден поим. Па, да видиме како ќе ни оди…

Пред да зборуваме за независност, сакам да свртам внимание на тоа дека сите ние сме меѓузависни. Зависиме едни од други. И не само во земјата каде што живееме, туку и со земјата на којашто живееме, како почва и како воздух, како вода и како рудни и други богатства што ги дава. Колку сме свесни за оваа меѓузависност?

Понатаму, меѓузависни сме како луѓе.

Однесувањето на едни влијае на животите на други. Многу повеќе меѓу нас овде што сме, а секако и со сите луѓе од светот, со човештвото (зарем не ни е годинава добар пример?). Дрвото што го посадиле едни, влијае на животот на други, политичките одлуки на едни, влијаат на животот на други, зборот што го пишале едни (убав или клетва) влијае на расположението на други. Ѓубрето што го расфрлиле едни, влијае на животите на други. Данокот што (не) го платиле едни, влијае врз животите на други. Бесното возење, со бучава и невнимание на едни, влијае врз животите на други. Заедничките ресурси што ги украле едни, одземаат од животите на други. Доматот што го посадиле едни, има место во животите на други… Да не набројувам до утре. Размислете и пишете си како сме меѓузависни. Како сме дел од една целина, небаре е суштество. И планетата Земја, и Македонија, како држава или заедница.

Понатаму, да прашам за независноста?

Дали државата е независна, може да биде тема на друг текст, за друго место, но, овде ќе ве прашам за поединечната, личната (не)зависност на секој од нас?
На тебе, на мене, нејзината, неговата?
Од што зависите?
Кој ги „држи и влече“ конците на вашиот живот?
Навики? Стари верувања? Семејството? Родителите? Сопружникот? Партијата?

Туѓото мислење?
Колку сте независни од туѓото мислење, од туѓата оценка на вашите постапки, на вашите одлуки, на вашата личност? Колку сте независни од барање и примање пофалби и одобрување? Колку сте независни од критики? (тука не зборувам за корисни, повратни информации). Колку сте независни од своите мисли и верувате дека сите се вистинити и исправни?   

Ве канам и предизвикувам да седнете и да напишете од што сте зависни, зошто е тоа така и на кој од тие одговори (области, ситуации) би можеле да имате влијание. Наредното нешто што ќе ве поканам е да си напишете во која област, во кој дел од вашиот живот (работа) би можеле да станете помалку зависни или сосема независни.

Дали тоа навистина го сакате? Ако не, што е скриената придобивка на вашата зависност? Што добивате со тоа што сте зависни од тоа што го забележавте? И, конечно, што можете да почнете да преземате за да станете независни и во таа област (дел), ако сакате?

И, како што би рекле на ТВ:
„Но, тоа не е сè!“

Доколку го дочитавте овој текст и си ги напишавте, за себе, сите погоре наведени прашања и нивните можни одговори, според вашата сегашна состојба, имате бонус прашање:
„Што и како треба да се однесувате доколку би биле зависни од НАДЕЖТА?“

Каков е тој живот во којшто зависам од надежта, од вербата дека може и ќе направам да биде подобро, дека ќе се обидам уште еднаш, и уште еднаш, и уште еднаш…да верувам, да пробам, да подобрам, да сменам, да успеам. Да успееме?

Македонија, со ваков идентитет, како 29-годишна убава, умна и добродушна девојка, којашто премногу од својата судбина стави во рацете на неискрени, нечесни и неспособни луѓе, несвесна за својата убавина, за своето внатрешно богатство, за својата вредност и капацитети, сè уште дише и цвета во својата природна убавина, сè уште раѓа или храни луѓе што можат, умеат, знаат и смеат… Таа нема каде да оди во својата географска поставеност, но, ние со нашиот ум можеме каде сакаме да одиме, имаме избор да веруваме од што ќе зависиме, и поединечно и заедно со неа.

Да почнеме со зајакнување на нашето зависење од надежта, за да стануваме сè понезависни во нашата меѓузависност.

Ирена Јакимова, Професионален обучувач за возрасни и тренер (coach), ментор за личен и професионален развој

Inspirit Coaching


Извор: zenskimagazin.mk

Резилиентност (Resilience)

Денес имам онлајн работилница на оваа тема, а до вчера попладне се мислев што да напишам за ппрвата колумна во септември… Која порака сакам да ја испратам? Каде можам да придонесам, сега, овој период, овде? Си реков, приквечер ќе седнам, ќе осетам убаво што сакам да пишам…вечер ќе ја прегледам уште еднаш, и готово! 

Но, ха-ха, дали ви се случило работите да не ви излезат според планот,спореед замисленото? Дали ви се случило да се превртат нештата, да ве извадат од колосек, од план, да не биде така, да се отежнат работите, да се искомплицираат, дали ви се случил стрес? Верувам се смеете сега додека читате и си велите: „Ме прашуваш за непредвидливи ситуации, промени, потешкотии и стрес? Мора да се шегуваш? Па, тоа е секојдневие… Стрес е главен елемент од којшто сме составени…“ Дали е така? Ако е така, да видиме како опстојуваме, како траеме, како се исправаме, истегнуваме, враќаме во својата форма и покрај сиот тој стрес и непредвидливост на животот?

Да се вратам на мојата вчерашна авантура. Она што го мислев дека ќе биде приквечер, излезе цела една авантура. Излезе непредвидено дека јас треба да го носам синот на тренинг (што не само што не го имав планирано, туку го имав и сосема изумено како настан). Ајде, се спремивме брзо и си го зедов со мене лаптопот (си реков, супер, ќе седнам во некое кафуле на отворено и ќе си работам тој 1 час!). 

По пат излезе дека од скоро е сменета локацијата на овој тренинг (а јас не сум знаела), па кружевме и вртевме, среќа на крајот на време паркиравме некаде за да стигнеме на кејот, каде што сега се држи овој тренинг. Кафуле нема на далечина. 

Но, најдов клупа. Седнав, го отворив лаптопот (не ми треба интернет за пишување документи што ги имам) и во тој миг, кога ја погледнав глетката на зајдисонце зад Вардар, мирисот од паркот и реката, тивкото ветерче на лицето, релативната тишина поради широчината на просторот – си реков, вау, како не сум се сетила порано на вакво нешто убаво! Прекрасно чувство, прекрасно искуство… 

Она што можеше да се претвори во стрес, нервоза, себесожалување или бес…јас избрав да го видам, осетам и доживеам како ново искуство. Ја избрав позитивната страна, избрав да ја гледам придобивката, избрав да работам и да го одмарам своето тело, на воздух, на клупа, до зеленило, покрај река и со преубав залез на сонцето… 

Кога го отворив лаптопот, во папката со колумни и текстови, се појави еден стар напис за Резилиентност… И ми се склопија коцките. Па, за ова ќе пишуваш. Ќе пишуваш како да истрајуваме, како да се чуваме од стрес, како да го чуваме своето здравје, здравиот разум, доброто расположение и насоченост кон нашата цел, кон нашата визија.

Ако почнам да ви раскажувам, за оние што не ме знаат, ќе разберете дека ова е една од најмалите стресни случки што ми се случиле и ми го „изместиле“ планот… Но, ако ме прашате, како повторно се враќам на својата форма, на својата патека и како повторно сум радосна, љубопитна и благодарна…можам да споделам некои размислувања и лични искуства за тоа. Подесеноста на мојот ум да биде оптимист, да ја бара секогаш новата и позитивна насока, да верува дека може (ако не вака, тогаш онака), да најде начин да закрепне после секоја пречка…тоа се основите на мојата резилиентност. 

Што е тоа психолошка резилиентност?

Се преведува како отпорност, издржливост, способност за враќање во форма после тешки периоди, брзо надминување и растење после неуспеси…

Најдете сила да продолжите.

Резилиентноста е нашата способност да се адаптираме и да се подигнеме повторно кога работите не одат според планираното. Резилиентните луѓе не се жалат или предаваат на неуспесите; тие ја признаваат ситуацијата, учат од своите грешки, а потоа продолжуваат понатаму.

Еве некои особини што им се заеднички на резилиентните луѓе (според Center for Learning Connections):

Имаат позитивна слика за иднината

Одржуваат позитивна слика и предвидуваат посветли денови во иднина.

Имаат цврсти цели и желба да ги постигнат тие цели.

Тие се емпатични и сочувствителни, но, тие не губат време да се грижат за тоа што мислат другите за нив. Одржуваат здрави релации (односи, врски), но, не се потчинуваат на притисокот на нивното друштво.

Тие никогаш не се доживуваат себеси како жртви – своето време и енергија го насочуваат кон промена на работите врз коишто имаат контрола.

Како гледаме на тешкотиите и на стресот силно влијае на тоа како успеваме, и ова е една од најзначајните причини зошто имањето резилиентен начин на размислување (mindset) е толку важно!

Факт е дека одвреме навреме ќе паднеме или нема да успееме: неизбежен дел од животот е да правиме грешки и повремено да треснеме од земја. Да се ​​биде резилиентен значи дека кога е тешко или нема да успееме, да умееме да се подигнеме повторно (да се вратиме како ластик), да имаме сила да ги научиме лекциите што треба да ги научиме и да можеме да продолжиме кон поголеми и подобри работи. 

Резилиентноста (како вештина и особина) ни дава моќ да ги надминеме тешкотиите, за да можеме да го живееме животот што го сакаме.

Размислете каде сте по ова прашање? 

Што правите добро, а што би можеле да промените?

Ирена Јакимова, Професионален обучувач за возрасни и тренер (coach), ментор за личен и професионален развој

Inspirit Coaching


Извор: zenskimagazin.mk

Давање и примање

Ако ве прашам да пополните тест, прашалник или најобичен попис на областите во вашиот живот каде што чувствувате дека е празно или дека не се движи, или дека споро се движи, или дека се движи, па застанува… што би напишале? Во која област од животот посакувате да имате повеќе, да бидете повеќе?

Дали тоа е љубов, пари, дружење, здравје, професионален напредок, хоби? Запишете каде сакате да имате повеќе, запишете што значи тоа „повеќе“ лично за вас (сите имаме различни потреби, очекувања и мерила за она што го посакуваме), запишете како ќе изгледа кога ќе го имате тоа ваше „повеќе“, како ќе се чувствувате, што ќе гледате, слушате, што ќе видат другите кај вас?

Ако убаво запишавте се’ ова, сега ќе ве прашам ново прашање. Во ова прашање лежи магичната моќ на почетокот на сите ваши остварувања. Прашањето е следново: Имате ли каде сето тоа да го ставите? Колкав ви е капацитетот за примање? Дали умеете, или уште попрецизно, дали дозволувате да примате?

Летово, во летната обука за жени „Ти си таа“, секоја недела работам со прекрасна група од 25 жени (сега се 24, бидејќи едната се породи и е посветена на тој важен период што бара од нас многу давање). Минатата недела повторно и’ дадовме внимание на оваа тема.
 

Како што созреваме во нашиот живот, особено ние жените, се’ полесно ни е да даваме или ние да правиме се’. Така, на некој чудно наметнат начин на современиот живот, ние си докажуваме дека сме „супер-жени“, за тоа се храбриме, се восхитуваме и си честитаме. Колку повеќе правиме се’ сами, толку повеќе се чувствуваме хероини и очекуваме дека ќе добиеме – пофалба, признание, восхит, внимание, време, љубов? Така мислиме дека ги „заслужуваме“ напредувањето, љубовта, вниманието, постоењето?

И колку повеќе даваме и чекаме, може да се случува и се’ помалку да добиваме… Дали би се нашле во овој опис, во некои делови од вашиот живот? И не само за жените, ова важи и за мажите, за сите луѓе. Колку сме научени и дозволуваме да примаме?

Подолу се конкретни тест-прашања што можат да ви помогнат да почнете промена во оваа област:
– Како реагирате на комплимент?
– Како одговарате кога ќе ви дадат подарок?
– Дали барате и дозволувате помош?
– Дали дозволувате да ве почестат?

– Дали дозволувате некој да се погрижи за вас?
– Дали дозволувате да имате време само за себе?
– Дали дозволувате вашето тело да прими нега, одмор, уживање?
– Дали дозволувате да примите совет?
– Дали дозволувате да примите нова мисла, нова идеја, нова навика?
– Дали дозволувате да бидете видени?
– Дали дозволувате да бидете сакани?

Прочитајте ги убаво овие прашања и обидете се да го најдете местото (областа) во вашиот живот каде што сте го затвориле каналот, прозорецот за примање. Потоа помислете како би било кога би пробале да почнете да пуштате по малку да примате (помош, внимание, ситен подарок, идеја, совет, друг начин – вие одредете). Исчистете го и овој влез како што сакате домот да ви е чист и набљудувајте што ќе се случува. Ќе почнат полека да доаѓаат работите во вашиот живот и во другите области. 

Давањето може да биде полесно. Кога даваме, се чувствуваме поубаво. Кога примаме, можеме да почувствуваме дека сме должници, дека не заслужуваме… и што друго? Дополнете за себе…
 

Но, енергијата на животот сака да кружи, да се движи… Животот бара да има влез, излез, ширење, собирање, да пулсира… Не значи дека е точно и правилно ако сме биле научени дека само давањето е добро. Како што земјината топка ја прима енергијата на сонцето, како што почвата ја прима водата – за да може да даде, така и вие, почнете да вежбате или да јакнете ПРИМАЊЕ, за да може животот да ви го испорача она што го сакате. За да можете и повеќе да дадете.

Ирена Јакимова, Професионален обучувач за возрасни и тренер (coach), ментор за личен и професионален развој

Inspirit Coaching

 

 


Извор: zenskimagazin.mk