by admin | Јун 17, 2020 | Обуки
Или, ајде да пишам: Несовршено совршени. Можеби е попрецизно, а? Друга слика дава вака? А, да пробам друга комбинација? Која ми е пораката? Хм…. Вака поубаво звучи. Онака поубаво изгледа…. Ух, отиде половина час, а уште немам наслов…
Всушност – која ми е темата?
И што е овде поважно – насловот или содржината? Пораката?
Чекај, чекај, станува збор за ЕДНА колумна, еден текст, се чита ден-два и се заборава…. Не е книга, животно дело… Хм? Па, и да е?
Колку често сте се нашле во ваков разговор со себе?
Колку често сте мереле, сте се премислувале, сте го барале…совршеното?
Колку пати сте одлагале, потрошиле време во ситни делови, а целината чекала, или сте пропуштиле други работи за тоа време, а кои сте можеле да ги направите?
Колку пати нешто не сте го ни започнале бидејќи сте верувале дека не можете да го направите на совршен начин? Дали постои совршен начин? Дали постои совршен човек? Дали постои совршенство? Можеби, во природата.
Барањето совршенство од себе и од секоја активност може да е уште еден наш „совршен“ внатрешен механизам на бегство, заштита од непознато, камшик што не ни дава да уживаме во себе и во своите постигања.
Убаво е да стремиме кон квалитет, кон високи постигнувања, кон внимание на деталите. Тоа може да биде добра мотивација да бараме повеќе од себе и да поставуваме високи цели. Она на што сакам да укажам е да забележиме кога тоа станува претерано, кога станува опасно за следниве нешта:
– немаме задоволство (од себе, од постигнатото, од другите луѓе околу нас, од животот)
– трошиме време или сме непродуктивни (наместо да сработиме повеќе работи, ние подолго време поминуваме на една работа, на една обврска, на едно дејствие, активност)
– одложуваме или не започнуваме работи, па потоа се доведуваме до стрес или ги завршуваме во последниот момент. Или воопшто не ги завршуваме… Од колку ли само резултати и задоволства се лишуваме самите себе?
Перфекционизмот често е поврзан со чувства на недоволна вредност, со длабоки уверувања дека мора многу повеќе од другите да се „трудиме“, дека мора се’ да совршено, или не е доволно добро. Или ние не сме доволно добри. А, кој кажува што точно е совршенството? Тука е мамката, бидејќи тоа пак сме ние самите, во нашата внатрешност на личноста, каде што се наоѓаат мислите, емоциите, нашите мерила и вредности. И, се’ некако го дигаме прагот…
Постојат повеќе пристапи и техники за осознавање и ублажување на оваа појава. Одредувањето приоритети е поврзано со нашето менаџирање на времето, емоциите, резултатите. Барањето совршенство вели дека се’ е важно и се’ мора да биде до најситниот детаљ контролирано од нас. За почеток, корисно е да си направиме еден список, една искрена листа со тоа што се наши вредности, што ни е важно, без што не можеме, за што се залагаме. Потоа, што се нашите животни желби. Ако добро си ја запомниме таа листа, тој список, секогаш кога ќе треба да „процениме“ колку време и деталност за нешто да посветиме – веднаш да се запрашаме дали е дел од списокот? Колку е важно? И дали е поважно да го направиме (имаме) што порано (побрзо) или е важно како и колку совршено е?
Тогаш ќе можеме полека да го „попуштаме“ перфекционизмот и да почнеме да си дозволуваме да се чувствуваме совршено подобро во нашата несовршена кожа. Да научиме да се прифаќаме себеси онака несовршени какви што не’ создала совршената природа..
Имате ли вечер 80-тина минути за оваа тема? Заедно со Женски Магазин организираме отворен вебинар кој може бесплатно да го проследите на овој линк вечер во 19 часот.
Ирена Јакимова, Професионален обучувач за возрасни и тренер (coach), ментор за личен и професионален развој
Inspirit Coaching
Извор: zenskimagazin.mk
by admin | Јун 10, 2020 | Обуки
Не знам дали го познавате – кај секого има различна боја, форма, температура, површина, тежина… Ако застанете и се обидете да го почувствувате, можеби ќе успеете веднаш, а можеби ќе ви треба време да го лоцирате, во кој дел од вашето тело има канцеларија. Всушност, каде му се наоѓа магацинот, бидејќи главната канцеларија му се наоѓа во – нашиот мозок.
Излогот со неговите производи ќе го најдете на вашите раце – кога се потат пред јавен настап или на некое место каде што не ви е пријатно. Или ќе го најдете во вашето грло – суво и со грутка. Или на вашите вкочанети рамења – кога сме ги стегнале или ни се тресат од неизвесна ситуација… Тоа е нашиот верен животен сопатник, нашиот верен соработник што добро го плаќаме, а често пати го плаќаме многу скапо. Господинот Страв.
Како и другите емоции што ги доживуваме, така и стравот има некоја улога, некоја задача, некоја функција, тука е за да ни служи. Основната задача му е да се грижи да го зачува нашиот живот. Но, нашиот мозок многу често му дава измешани команди, па тој ни служи и премногу, односно не’ чува од се’, па и од самиот наш живот што би можеле да го „живееме со полни гради“. Ќе препознаете многу изреки поврзани со стравот, не само оваа. Ќе се сетите на: „страв лозје чува“, „да му втера страв во коски“ и др.
Така доаѓаме до моментот кога се прашуваме – кога и како стравот, наместо да ни служи и да ни помага, тој станал наш господар, па наместо да го чува нашиот живот, тој дури и го спречува?
Како што и изреките се поврзани со различни ситуации, ајде и ние да ги разгледаме една по една. Да тргнеме од таа за лозјето. Стравот има позитивна задача, корисна улога – со неговото појавување треба да не’ „посоветува“ да се погрижиме за нешто, да внимаваме на нешто, да чуваме нешто. И тоа е корисно. Често пати стравот треба да не’ поттикне на некоја акција, на некоја промена, на некое дејствие, за да се заштитиме.
Но, што е со полните гради? Што е со „ми застана здивот од страв“?
Присетете се на сите ситуации во коишто ви застанал здивот од страв и запрашајте се: дали дишам, дали земам воздух? Еден од најдобрите совети што можете да си го дадете во тој момент е да се потсетите да вдишете и да издишете длабоко. Да се поврзете со животот. Потоа, можете да направите анализа и попис на сите можни исходи, што се’ навистина може или не може да се случи, дали овој страв што го чувствувам има основа или е измислен, повикан без да има реална работа за него…
Ако водите фирма, дали така ќе викате советници и соработници да ви даваат совети и кога немате потреба и немате да ги платите? Веројатно, не. Така е и со стравот. Добро е да ви биде советник, но, да си го знае работното време, описот на работното место, па и надоместокот.
Ваша одговорност е да умеете да го послушате кога сака нешто навистина важно да ви каже, а уште поголема одговорност е да научите како да не го послушате кога од него и нема потреба. Кога ви кажува нешто важно, застанете, послушајте, преземете акција и потоа можете да му дадете пауза на стравот. Но, кога се обидува да ве заштити и од работи од кои не треба да ве штити, тогаш треба да седнете и сериозно да поразговарате. „Од што сакаш да ме заштитиш?“
Постојат бројни методи како да изградите однос на соработка со стравот. Некои од нив вклучуваат свесно обрнување внимание на дишењето, телесни движења за растеретување, танцување, музика, вежби за трансформација на емоцијата, потоа, мисловни процеси, како прашања од типот: „Дали ова е вистина? Дали ова навистина ќе се случи? Што ако ова не се случи? Што ако јас имам увид само во дел од состојбата? Што размислува, што чувствува некој којшто не се плаши од оваа ситуација?“ Ќе дојдете до интересни увиди и насоки коишто можат на вашиот страв да му го стават договорот во мирување.
И, конечно, една од најкорисните изреки во врска со стравот е следната: „Храброста не е отсуство на страв. Храброста е да продолжите напред и покрај тоа што чувствувате страв.“ Кога последен пат ова го применивте? Браво. Сега, изберете си задача за која наредна ситуација сакате ова да го примените. Пишете ни какви биле резултатите. Дали вредеше?
Имате ли вечер 80-тина минути за оваа тема? Заедно со Женски Магазин организираме отворен вебинар кој може бесплатно да го проследите на овој линк вечер во 19 часот.
Ирена Јакимова, Професионален обучувач за возрасни и тренер (coach), ментор за личен и професионален развој
Inspirit Coaching
Извор: zenskimagazin.mk
by admin | Јун 3, 2020 | Обуки
Признавам дека и сега понекогаш се плашам да се возам на високи вртелешки, брзи рингишпили, тнр. roller-coster… Ама, зошто? Знам дека е безбедно и знам дека, кога ќе заврши, кога ќе се симнеме, чувството е лесно, убаво, блажено, олеснувачко, забавно…. Но, ова го знае мојот свесен, возрасен ум. Тогаш, кој се плаши?
Признавам дека сум се наоѓала и во ситуации да си речам: „Каде тисега си решила да го предлагаш тоа? Каде ти ќе зборуваш пред другите? Кого ти ќе учиш, па тие се повозрасни од тебе?“, дури и кога не биле!!! Па, ќе си речам: „Па, кој друг, ако не јас? Имам огромно искуство, животно и професионално, имам и потврди во вид на дипломи, сертификати…“ Вака ќе одговори мојот свесен, возрасен ум. Тогаш, кој се сомнева?
Признавам дека ми се случило и да се чудам на однесувањето на возрасни мажи или жени, менаџери, експерти, професионалци (било да е тоа во вид на инаетење, тврдоглавост, импулсивност или одложување, несигурност во себе) – луѓе коишто биле мои индивидуални клиенти или учесници на обуки, курсеви, работилници или луѓе од мојот круг на познанства… Тоа биле луѓе со искуство, со образование, со ентузијазам и со мотивација за работа и личен успех, ги имале сите предуслови да можат да го направат тоа што мислеле дека не можат, дека не сакаат, дека не смеат. Тоа биле луѓе коишто ги имале сите предуслови да бидат среќни, а, сепак, биле инаетливи како деца. И, пак, ако ова го знае мојот или нивниот свесен, возрасен ум…тогаш, кој се инаети, бунтува, плаши, или избувнува?
Сите ние некогаш сме биле деца. Без исклучок. Патот води од таму. Сме биле мали, на возраст од 1, 2, 5, па 8, па 10, па 12, 15 години… И, потоа, сме пораснале. Но, некаде по патот, додека во реалниот свет сме минувале низ искуства, знаења, успеси и и неуспеси, радости и падови, животни ситуации, кариера…ние не сме го забележале моментот кога сме ја минале „границата“ од детство во возрасни. Или, барем, на пасошот – нема печат.
Затоа, голем број од нас не сме свесни дека тој дел од нас (којшто не е видлив, не е опиплив и јасен, туку е дел од нашата личност), се’ уште постои. Во психологијата го нарекуваат „внатрешно дете (inner child)“. Тоа живее во нас, како дел од нас. Пречките настануваат кога емоциите што ги имало тоа дете, чувството за себе, за другите околу него, за околината, за одредени поими или ситуации – ќе останат исти, нема да бидат излечени или созреани. Сме „пораснале“ и созреале во телото, а внатре детето останало со своите стравови и доживувања.
И, така, кај голем број од нас се случува кормилото да го преземе 5-годишното исплашено девојче и да вози автомобил, или предлози за општествени теми да дава несигурната седмоодделенка, или да води сектор или цела фирма 7-годишното момче или да биде сопруг и татко 13-годишниот „пубертетлија“… Не им е лесно, нели?
Голем дел од возрасните не се свесни за постоењето и за важноста од добар, негувачки однос со детето во нас. Детето што било мало и недоволно искусно да разбере што точно се случува околу него и си носело заклучоци, коишто потоа ги заклучило во тајниот дневник на својата психа, па целиот живот го води според тие заклучоци, а клучот не може да го најде. Детето, што се исплашило од нешто, ама, во процесот на растење сфатило дека е срамота да се плашиш, па ги закопало своите стравови најдлабоко под дрвото во дворот, мислејќи дека тие таму ќе останат и дека нема цел живот да одат секаде со него… Детето што се бранело со инаетење и што добивало внимание со импулсивно однесување, па ги ставило во својот џеб тие однесувања и заборавило да ги извади пред перење, па тие останале со него и во возрасните пантолани…
Зошто е важно да се запознаеме со овој поим и да работиме на него?
Не само за да ги пронајдеме нашите детски заклучоци и уверувања, нашите стравови и чувства на „маленкост“, нашата тага, осаменост или немоќ – коишто влијаат на нашите мисли, одлуки, избори, чувства и однесувања кога сме возрасни, туку и за нешто исто многу важно, а тоа е следново: откако, низ процес на работа на себе, ќе го смириме, заштитиме, негуваме детето во нас, да се договориме со него кога, колку и како сака да му ја дадеме слободата да биде – љубопитно, весело, слободно, креативно? Да бидеме добар родител и ментор на нашето внатрешно дете што живее во нас, а не само на старите фотографии.
Имате ли вечер 80-тина минути за оваа тема? Заедно со Женски Магазин организираме отворен вебинар кој може бесплатно да го проследите на овој линк вечер во 19 часот.
Ирена Јакимова, Професионален обучувач за возрасни и тренер (coach), ментор за личен и професионален развој
Inspirit Coaching
Извор: zenskimagazin.mk
by admin | Мај 27, 2020 | Обуки
Деновиве ми се врти низ главата, а и низ срцето, еден увид, едно чувство, едно сознание…а, тоа е следното: ако едно нешто е најважно и, во моето животно и работно искуство, забележувам дека им треба речиси на сите луѓе, во ваква или онаква форма, јачина, силина – тоа е чувството дека вредат. Некои го викаат самодоверба, а тоа е можеби и различно од чувството на вредност.
И тоа некако се засилило, се кондензирало до степен на густина, вриштење, влечење за рака… Ми вели: „Ако има нешто што можеш да правиш за луѓето и да биде твоја професија, твој повик, што си го видела, чула, осетила кај многу луѓе, дали тоа е ова? Дали тоа е ова?“
Она што на луѓето најмногу им треба и насекаде го бараат – тоа сите го имаат и можат да го најдат или создадат токму – во себе! Затоа, така и се вика: само-доверба (self-confidence).
Колку си верувате себеси, колку верувате во себе и колку ова (чувството на самодоверба) е место (како шалтер) каде што ја издавате или не ја издавате вашата дозвола за – напред?
Самодовербата се гради, се пронаоѓа во себе, се моделира или што сакате, но, најинтересно од се’ е дека таа претставува внатрешно чувство. Таа не може да се купи, да се изеде, испие, инсталира во нас – таа се раѓа, гради и одржува од внатре. И токму внатре (во нашиот свет на мисли, чувства, енергија) вреди да започнеме да ги бараме точките, местата, мислите, ставовите, навиките, механизмите што ја хранат, негуваат, зголемуваат и зацврстуваат, што и’ даваат крила, течение или подлога… за таа да може да се смести и да ни служи.
И, уште подлабоко, и уште порано од ова – вреди да истражиме и како таа (самодовербата) започнува со работа, а како оди на пауза или на годишен одмор? Кои се тие внатрешни сигнали, места на пресврт што и‘ даваат сила за живот, дозвола, растење, а кои се тие состојби што ја тераат на заспивање, на криење, на тлеење… И кои се надворешните точки, места, случки, луѓе, ситуации…што внатре во нас ги дигаат или спуштаат рампите на реката што сака незапирливо да тече, а се вика самодоверба? Кои се тие? Запишете си ги.
И, конечно, сите сакаме самодоверба, а дали сме се запрашале: како ќе ја препознаам?
Како ја чувствувам? Со што ја хранам, а од што бега? За што ми треба?
Тука ќе искористам место да направам нежна (а, можеби важна) разлика меѓу чувството на вредност и самодовербата. Можеме на самодовербата навистина да гледаме како на шалтер каде што самите ние од внатре себеси си издаваме потврда и дозвола за да направиме нешто. Или не си издаваме дозвола и нема нешто да направиме. Кога вам тоа нејчесто ви се случува?
Ве предизвикувам да размислите на следново: Што треба да се случи во вас за, сепак, да направите нешто за што сметате дека не можете (или не сте доволно подготвени) и за што до сега не си издававте дозвола во вид на самодоверба? Ве канам и предизвикувам да пробате сепак да го направите тоа на свој начин и потоа со доказот (снимка, чувство, искуство) да се вратите на својот шалтер што издава потврди за самодоверба и да пробате пак. Дали овој пат, откако го направивте тоа за коешто не верувавте дека можете, себеси ќе си ја заверите потврдата?
И, како ќе се однесувате и чувствувате потоа? А, како ќе се чувствувате кога некој од надвор (друго лице, ситуација) ќе се обидат да ви ја ишкртаат, исплукаат, скинат вашата потврда преку нивното однесување или говор? Дали ќе дозволите или ќе ја чувате во плик? Пластифициран, за да не пропушта вода и кинење.
Имате ли вечер 80-тина минути за оваа тема? Заедно со Женски Магазин организираме отворен вебинар кој може бесплатно да го проследите на овој линк вечер во 19 часот.
Ирена Јакимова, Професионален обучувач за возрасни и тренер (coach), ментор за личен и професионален развој
Inspirit Coaching
Извор: zenskimagazin.mk
by admin | Мај 20, 2020 | Обуки
Еве, ме! Тукушто помислив дека се пробивам како пиле низ јајцето и се организирам во „сите“ улоги што сум ги презела, еве ме, во нова улога! Ќе пишувам за вас и со вас, а и ќе се сретнуваме навечер во „живо“ за да дискутираме на разни теми од животот коишто ни се важни и потребни сега, а, можеби и во други времиња… И, бидејќи животот не може да се подели така прецизно и јасно на – работа и живот (business & life), ќе напишам денес нешто за сите наши улоги што ги преземаме во различни области од животот.
Ви пишувам како професионален коуч со искуство и во улогите на мајка, ќерка, сопруга, сестра, другарка, колешка, менторка, менаџер, претприемач, вработена, готвачка, чистачка…
Веројатно повеќе од кога било, во последниов период го осетивме на своја кожа менувањето улоги и идентитети по неколку пати во денот… Ситуацијата ни наложи да менуваме улоги, а сето тоа на истата локација – нашиот дом!
Некои луѓе за прв пат се сретнаа со обврската/ улогата на грижа за друго лице, за домот и/или децата, а некои пак, со ситуацијата да имаат вработени коишто треба да се грижат за други, во работно време.
Ние, во животот, имаме повеќе улоги со што на некој начин преземаме и други идентитети. Често пати се случува тие наши улоги да започнат да се „натпреваруваат“ меѓу себе за време, внимание и дел од нашата енергија.
Што правиме тогаш? На која улога да и’ одговориме прво, побрзо или со повеќе внимание? Како да ги одредиме приоритетите, балансот, а, за тоа време, да се справиме и со чувството на вина во моментите кога сме само во една улога, а другите се ставени на чекање…
Постојат многу пристапи и техники на помош, на лично водство и лично менаџирање. Според мене, основата започнува со освестување дека ова им се случува и на други луѓе, а не само вам, дека нема совршено решение и совршени луѓе, и дека имаме право на избор како ќе пристапиме кон предизвикот да „жонглираме“ со повеќе улоги во истиот ден…
Уште поважно е да научиме да не бидеме многу строги кон себе и да ги моделираме барањата и приоритетите според ситуацијата. Во некои денови (периоди) ќе доминира едната улога, во други – ќе дадеме повеќе внимание на друга наша улога…
Кога ќе сведеме баланс на неделно, месечно или годишно ниво – тука има место за анализа: на која улога и’ дадовме најмногу време, внимание и енергија? Која е запоставена и со што може да се освежи?
На пример, според мене, не е задолжително на секоја улога да и’ доделиме исто време во денот, секој ден. Ако денес сме биле повеќе зафатени и посветени на работата (во друга прилика и за микро-распоредот во рамките на секоја улога), ќе ни помогне ако се запрашаме: „Што е она што можам да го пружам како родител, како партнер(ка), а да биде најважното, најквалитетното, најрелевантното за денес, во овие 2-3-4 часа што ги имам?
Ако сме се посветиле на домот, на работата, а сакаме да си посветиме време себеси, исто така помага ако го користиме принципот „по малку за сите (интереси)“, па така ќе си овозможиме едно денес (да гледам филм), друго утре (да читам книга), трето задутре (да се негувам со она што можам од дома)… И така со ред…
Важно е да знаеме дека не можеме секој ден од се’ да направиме, било да е тоа наша улога или некоја активност во рамките на таа улога. Овој пристап раѓа чувство на вина, бидејќи поставуваме преголеми очекувања од себе и потоа – се разочаруваме.
Ние сме една личност, која е целина од повеќе делови, идентитети што исполнуваат улоги коишто сме ги избрале или прифатиле. Обидете се при секое правење распоред или преземање улога да го најдете во себе делот што сите ги обединува и да ја најдете смислата што ја носи секоја улога за вашата личност, да побарате начини како вашите различни улоги да соработуваат?
Обидете се да најдете свои, креативни начини како да посветите време на секоја ваша улога во одреден момент и да прифатите дека ништо не е вечно, па ни вашата ангажираност во една улога, да си ветите и запишете што и кога ќе направите нешто за онаа улога што ја чувствувате запоставена. Почнете со тоа што прво ќе најдете време и ќе осетите што точно и’ треба?
Имате ли вечер 80-тина минути за оваа тема? Заедно со Женски Магазин организираме отворен вебинар кој може бесплатно да го проследите на овој линк вечер во 19 часот.
Ирена Јакимова, Професионален обучувач за возрасни и тренер (coach), ментор за личен и професионален развој
Inspirit Coaching
Извор: zenskimagazin.mk